Wednesday, March 21, 2012

ПАНТИЌУ ЈА САМ ИЗНЕНАЃЕН..., А И УВРЕЃЕН


Ова што го гледате на фоткава погоре, ако не сте информирани, како впрочем што не бев ниту јас, е........., незнам како да ја наречам, куќа не е, барем не за мои стандарди, арно ама ќе мора така да ја наречам, кога веќе сите медиуми во Македонија ја нарекоа така, кога го известија македонското пучанство дека била ограбена КУЌАТА на сопругата на покојниот Претседател Борис Трајковски, Г-ѓа Вилма Трајковска.
Значи, да не Ве држам во неизвесност ова погоре да ти било КУЌАТА на сопругата на покојниот Претседател Борис Трајковски, Г-ѓа Вилма Трајковска.
А јас пак, каков што ме дал Господ, наивен и неинформиран, кога прв пат го видов на фотка ова здание си помислив оти е некоја нова поликлиника, хотелче или пак некоја зграда за колективно домување. Кога, шипак, не сум погодил ниту од трипати.
А еве како одеше моетео просветлување.
Станувам наутро, некаде окол седум, спремам близначките за у градинка. Троа натегање...
Ми се спие.
Ми се кака.
Чекај да догледам ТИРЕКС ЕКСПРЕС.
И веќе некаде околу 08:10 сме во градинка.
Се враќам дома, Гоца (мајками) спремила кафе и со стариот седнуваме сите тројца да испиеме тоа кафето.
Пред мене ВЕСТ.......
Стариот уште рано рано купил. Не за друго, туку заради награднава игра.
Се се надева сиротиот, дека ќе му падне стан па да ме исели веќе еднаш од неговиот стан за да може барем на стари години на раат да си проживее со мајками.
Ама не удира гром во коприви, викаат старите.
Пуста желба и ништо повеќе.
На насловна на ВЕСТ, фоткава од погоре и со крупни црни букви, фонт четриесет и некој а може и поголем, пише, ОГРАБЕНА КУЌАТА НА ВИЛМА ТРАЈКОВСКА.
Во прв момент, не ги врзувам фотката и насловот во една целина, па отварам весникот да прочитам кој тоа се осудил да краде од жената на покојниот ни Претседател и што украл. Кога внатре повтрорно истата фотка со истиот наслов.
Гоца вика.......
Види ја ти Вилма у колкава палата живеела, нејзе баш и се погодил вдовичкиот статус!
Ај бе.., и викам јас. Не е можно целово ова здание да е нејзино! Мора ова да е некоја зграда за колективно домување во која Вилма има некој стан.
Ох море синко мој недоветен, простичок и лековерен. Не ти личи на годиниве што ги имаш да бидеш толку наивен. Каков стан, какви бакрачи, се што гледаш на сликава е нејзино, ми вели старата.
Ааа не, не е можно и велам јас. Покојниот може беше смотан, недораснат за функцијата која ја вршеше. Можеби изгледаше ко да паднал од Марс, можеби беше многу нешта, арно ама лопов не беше. Не е можно волку многу пари да смуфтал за нецели три години претседалствување со земјичка како Македонија. Тоа просто не е можно да го направил човек како него, ако заради ништо друго, тогаш заради фактот што човекот беше побожен, дури мислам беше и некој свештеник, Господ од уста не го вадеше.
Арно ама Гоца не се дава, никако да ја убедам. Мисли си ти така, ми вика, затоа ќе живееш во 60 квадрата заедно со мене и со таткоти цел век и ќе спиеш заедно со женати и со двете ќерки на еден кревет. Ееее, море синко мој простичок!
И така се расправаме ние едно половина час, пробувам јас да ја убедам нејзе, ми се подсмева она мене, кога ете ти и на вести на некоја од теливизиите истата куќа  и пак викаат КУЌАТА НА ВИЛМА ТРАЈКОВСКА. Е хебига, нема више бегање. И признавам на Гоца дека она е во право, а дека јас сум еден неинформиран, лековерен шутрак, што би рекла Најче.
Незнам зошто Ви го раскажав ова....
Можеби само да си олеснам на душава, оти навистина ми тежеше. Зошто едно е Најче да ме нарекува ШУТРАК, а сосема друго е мојата родена мајка да ми го каже тоа и најнакрај ептен трето и најболно е кага сам ќе осознаам колку голем ШУТРАК навистина сум бил.

No comments:

Post a Comment