Tuesday, September 15, 2015

АВТОПАЗАР

Вчера недела а јас цел ден по дома и онака, „безпослен“, се нешто ми се вртеше низ глава...
Ми текна на автопазарот кај јавните и царински складишта на Фершпед...
Убави беа тоа времиња...
Секоја недела жените си средуваа по дома, а мажите, „избркани“ од дома, ќе се сјатеа на автопазарот уште од раните утрински часови и остануваа таму се додека не дојдеше време за ручек.
А таму, на автопазарот, имаше за секого по нешто, имаше катче за сечии интерес.
Половните автомобили кои изгланцани светеа ко „пасја муда“ на утринското сонце, ги плакнеа очите на илјадниците бадиалџии кои барем за момент ќе отсонуваа како со парите кои ги добиле на спортска или кои им ги оставил некој далечен роднина, си купуваат некое убаво аутце и со него се враќаат дома.
Тезги со половни и нови автоделови  за оние на кои им доаѓаше редовниот годишен сервис...
Половни гуми исчистени и премачкани со масло светеа чиниш сега излегле од фабрика...
Тезгите со „музички касети“ кои нудеа се и сешто, од Пинк Флојд до Драгана Мирковиќ, по нешето за сечии вкус...
Тезги со разно-разна козметика за автомобилите...
Тезги за електрика, водовод, молерај и остали занати..
Аголот за точкарите на самиот влез на автопазарот...
Стари книги, разно-разни, од стручна литература врзана со автомобилите до разни љубиќи и стрипови со Загор Тенеј и неговиот буцмаст придружник Чико...
И секако задолжителниот „Лесковачки Роштиљ“...
А посетители!? Посетители колку сакаш. Повеќе од било која фудбалска утакмица на Вардар било когаш одиграна, а да не споредувам со посетата на политичките митинзи. Мислам дека секој МК политичар не можел ни во своите „најмокри“ соништа да сонува за таква посета на свој митинг.
Е, а сосема друга работа беше колку од нив ќе пазареа по нешто. Мислам дека повеќето беа тамо само да се прошетаат и да се извидат со своите пријатели, само мал дел ќе купеше по некоја ситница а на прсти се броеа оние кои ќе си пазареа некое аутце.
Како и да е, тоа беше најголемото машко корзо кое некогаш постоело во Скопје и траеше од изгрејсонце па се до некаде 14 часот секоја божја недела...
А кога ќе дојдеше време за ручек, како по нечија наредба, бројните посетители дисциплинирано ќе го напуштеа автопазарот со преќутно ветување дека ќе се видат следната недела.
А потоа се знае, неделен ручек со фамилијата и пријателите..
Убави времиња, многу полежерен живот, без стрес и потреба за лексилиуми...
За жал, денес веќе автопазарот на „Фершпед“  одамна го нема, но затоа има нервоза, стрес и „Зегин“...
Јебига...
-реминисценции-

Saturday, August 29, 2015

ОЧИЛА ЗА СОНЦЕ

До овој 12-ти мај никогаш не сум носел очила за сонце...
Не знам зошто, веројатно оти повеќе ми пречеле одошто ми помагале, ниту од оние со диоптрија, оти, фала богу, сеуште добро ме служат очите.
Нејсе, што ми е муабетот!?
На 12-ти мај оваа година ќерка ми Ана решила дека таткои треба да биде у фазон, како сите останати и дека треба да носи очила за сонце. Поминала покрај локалната „сваштарија“ и ѕирнала колку ги продаваат очилата кои ги бендисала, но, бидејќи и било незгодно да ја праша продавачката колку чинат очилата, а четворката и се видела единица, си смислила план како да дојде до 150 денари наместо 450 денари а никој друг, посебно јас, да не дознае зошто и требаат.
Се думале со сестраи Јана што приказна да смилат и на крај одлучиле да ми побараат 150 денари за да купат сладолед.
Договорено сторено...
Дојдоа ми побараа и јас без да се посмневам за што всушност им се парите, им ги дадов...
Не помина многу, дојдоа дома, но наместо со сладолед во рацете ми се појавија со натажени лица и солзи во очите.
Кога ги прашав што се случило, Ана почна сериозно да плаче а Јана ми објасни дека не го нашле омилениот сладолед на Ана па затоа Ана се натажила и затоа плаче. Да бидам искрен, објаснувањето ми беше малку глупаво а и премногу детско, ова знаејќи ја Ана, ама го проголтав, дури и им се налутив што се лигават за глупости.
Прегрме, заборавив, а и тие две некако се смирија и ми се изгубија од видното поле.
Но Ана и Јана нема да се тоа што се, некои би рекле прави „лавици“, ако не си го остварат она на што туриле ниет.
Го „уловиле“ Дедо Цобе, го „збариле“, а тој еден тежок за „барање“, што да ви кажам и правац продавница по роденденскиот подарок за Тато, очила за сонце...
И да ја скусам приказнава, оти големи се шансиве да ви бектисам па да не ја прочитате воопшто.
Од овој 12-ти Мај, јас, Душан Стеафновски, окорели „очило-мрзец“, носам очила за сонце кои ми ги купија моите ќерки Ана и Јана, ма што носам, не се двојам од нив од што ми е мерак да ги имам покрај себе. И не дека одеднаш сфатив колку очилата за сонце ми се неопходни или колку личен ме прават, не, да се некои други а не овие што ми ги купија Ана и Јана, не би ги ни погледал а камоли да ги носам, но од овие не можам да се одвојам.
Е сега да се разбереме, ова не се очила кои вредат 60.000 Евра, ова се очила кои немаат цена...
Не знам зошто ви ја раскажав приказнава, ама мислам дека нема да ви штети кога ќе ја прочитате, а ако не ви штети можеби ќе ви користи, којзнае...

Friday, August 14, 2015

ИМПРЕСИИ

Поминува летово и се почесто по нетов може да се прочитаат импресии од летувањата по разни дестинации...
Неретко за една иста туристичка дестинација може да се прочитаат дијаметрално спротивни импресии, чиниш станува збор за сосема различно место кое по некоја пука случајност само исто се вика.
Кога и да налетам на вакви писанија, а налетувам поради тоа што сакам да читам туѓи искуства и да се учам на туѓи грешки, ако ништо друго помалку чинат нели, мислам на туѓите грешки и искуства, секогаш ми текнува на една случка која сега ќе Ви ја раскажам.
Елем...
Приказнава се случи пред 20 и кусур години...
Јас  тогаш бев млад  и „зелен“ ,за разлика од денес ,кога сум само „зелен“, бидејќи младоста ја потрошив некаде по пат за ваму...
Нејсе, значи млад и „зелен“ и тазе вработен во мала приватна фирмичка каде освен Газдата единствен вработен сум јас, што автоматски по редот на нештата мене ме прави „Заменик Газда“.
Шега на страна, ама навистина јас во фирмата на Газдава, каде патем речено сеуште работам, а и не само во фирмата туку и во фамилијата, бев како трето куче. Ова „трето куче“ сфатете го како комплимент  а не како погрда, бидејќи Газдата имаше две кучиња кои, после своите деца, ги сакаше најмногу на свет. Така да, да се биде трето куче во случајов, воопшто не беше лоша работа и значеше дека Газдата те сака и почитува.
Споменав погоре дека Газдата имаше деца, ќерка и син. Ќерката беше постара, комај мое годиште а синот помал. И кога велам помал мислам баш помал, цели 10 години помал од мене, значи детуле од десетина - дванаесет години.
Беа и сеуште се, фини и воспитани деца и кон мене се однесуваа како да сум дел од семејството. Тоа значеше дека редовно муабетеа со мене за се нешто. Од малкуте слатки маки кои ги мачеа па се до сите радости и убавини кои им се случуваа во животецот. Меѓу другите муабети беа и оние каде, кога и зошто баш таму на летување...
Едно лето малиот на Газдата отиде на летување со едни свои другарчиња од маалото и со еден од нивните родители во Турција, мислам во некои од хотелските ресорти во Анталија. Кога се врати од летувањето дојде во фирмата чии канцеларии беа во склоп на фамилјарната куќа на Газдата, за да ми раскаже како си поминал на летување.
Малиот беше полн со впечатоците од летувањето и тоа позитивни, тоа му се гледаше од очите кои му искреа од задоволство додека ми ги раскажуваше сите убавини на хотелскиот ресорт со пет ѕвездички во кој летувале.
Го слушав внимателно и пробував да си направам слика во главата како сето тоа изгледало, поради тоа што јас дотогаш, а морам да признаам и до ден денешен, не сум летувал во таков луксузен хотелски ресорт.
Бидејќи имам добра моќ на замислување а и малиот страшно сликовито објаснуваше, сликата за ресортот со пет ѕвездички беше створена во мојата глава и морам да признаам, прекрасно изгледаше.
Но за цело време додека малиот раскажуваше, во главата ми се вртеше една мисла... Зошто на дете од 10-12 години на летување му е побитно каде и какво ќе му биде сместувањето од самото море, плажите, дружбата и збавата? Навистина, зошто!?
Ме боцкаше прашањето и не можев да издржам и го поставив. Додуша не директно, да не се сетат Власите, арно ама, сепак го поставив.
Муабетот го свртев кон тоа дека и јас сум летувал по разни мориња и никогаш не ми било битно каде ќе спијам и што ќе јадам додека сум таму, туку ми биле битни самото море, плажите, другарите и збавата.
Па така, му реков јас на малиот, најубаво сум си поминал на одмор во Буљарица во извиднички камп спиејќи во шатор направен од шаторско крило и хранејќи се во војничка менза. Пробав и со други примери да му објаснам на малиот дека не е битна „формата“ на едно летување, туку „суштината“, арно-ама, по очите му се гледаше дека не ме разбира што сакам да му кажам. Дебатиравме така ние некое време, пробував јас да го убедам  во моите размисли околу летуавњето но тој не се даваше и после извесно време расправија ми кажа нешто што ќе го паметам цел живот...
„ Душане, тебе ти е убаво да летуваш под шатор и да се храниш по мензи и сендвичари оти во животот не си видел поубаво, за разлика од тебе јас сум видел и не можам да се сложам со тебе дека летувањето под шатор може да биде поубаво од летување во хотелски ресорт со пет ѕвездички, па не знам какво друштво да имам и колку и да се убави плажите и морето!“
И тука заврши муабетот...
Јас се повлеков заедно со сета моја аргументација, немав што повеќе да му кажам на малиот и кога малку размислив тој беше во право...
Зошто ви ја раскажав случкава и како таа е врзана со она што го пишав на почетокот на овој пост?
Па така што, импресиите од една туристичка дестинација највеќе зависат од тоа чиви се тие, односно кој ги доживеал, дали Малиот на Гзадата или Душан...
Така да, за да створите комплетна слика за некоја туристичка дестинација сепак е најдобро сами да ја посетите, а ако не сте во можност да го сторите тоа и мора да се информирате од туѓи импресии, тогаш барем информирајте се добро за човекот чии се импресиите.
Не знам зошто Ви ја раскажав приказнава, но ако не штети, си мислам, некому може и ќе покористи.

ПЕЧЕНО МЕСО НА ЖАР

Денеска бев во Дуф да ги земам Старците...
Им заврши и ним годишниот одмор, готово е за оваа година. Догодина здравје пак...
Тргнав утрово рано, пред да се раздени, да не ме фати жегата по пат и стигнав во Дуф пред седум часот.
Старците веќе беа будни, спакувани и спремни ме чекаа.
Штом влегов дома, Мама Гоца без да ме праша дали сум гладен почна да ми спрема доручек. Ги беше сочувала двете последни парчиња свинско месо и ги стави да ги пече на жар.
Иако не бев гладен, з'ш пред да излезам тоа утро, како и впрочем секое друго утро, појадував нешто од нога, сепак, мирисот на печено месо на жар што се рашири низ собата ги возбуди моите сетила и устата ми ја наполни со плунка.
Мирисот на месото на жар ме врати во детството. Се сетив на баба ми Флорика .
Како дете поголемиот дел , да не речам во целост,  моите летни ферии ги минував со Баба Флорика во Дуф.
На 10-ти јуни се распуштавме а јас на 11-ти веќе бев горе.
Беа тоа лета за паметење. Лета какви секое дете би посакало. Или барем секое дете од она време, за овие денешниве не би можел да се кладам.
Покрај сите убавини што ги нудеше летото во Дуф беше и месото кое баба ми Флорика ми го печеше на жар. Сиротата толку многу ме сакаше, што секогаш чуваше по некое парче месо или домашна кобасица за да ми ја „журне“ набрзина на жарот во огништето или шпоретот без да види некој.
За никого друг можеше да нема месо, ама за мене Баба Флорика секогаш имаше.
Вкусот на тоа месо испечено директно на жарот од буковите дрва, беше и сеуште е, нешто неповторливо, барем за мене.
Никакво месо на скара, ниту пржено во разни масла и зачинето со разно-разни зачини не може да се мери со вкусот на обично, посолено месо испечено на жар.
Не знам зошто?
Можеби затоа што ме потсетува на детството и на Дуф, на баба ми Флорика.
Реминисценции...

Monday, August 11, 2014

Го испратив Дедо ми.............

Денес го испратив Дедо ми Глигорије...
Отиде.....
Некои би рекле, во вечните ловишта, а познавајќи го него, тој едноставно би рекол два метра под земја..........
Да, сигурно така би рекол, зошто едно од неговите животни девизи беше: „Једи, пи, веселисе и на онај живот посерисе!“
Отиде единствениот Дедо, што би рекла ќерками Ана, кој можеше да ни раскажува за Втората Светска Војна.
Нема да речам, „Бог да го прости“, не за друго, туку, покрај тоа што не беше кујзнае каков верник, јас, а он уште повеќе, не верувам дека во животот направил грешки за кои треба да се бара опрост од севишниот.
Ќе го паметам како „насмевка“, онака искрена, грохотна, машка, за цел комшилук да ја чуе.
Ќе го паметам како чудна комбинација на Балканец и Германец, комбинација не објаснива на луѓе кои не го познаваа лично.
Ќе го паметам како човек кој ми ги има купено првите фармерки во животот, ги донесе од Германија кога имав пет години.
Ќе го паметам, по првиот мој колт на каписли, по полицискиот мерцедес на батерии, кој патем речено го расипаа моите ќерки, з'ш додека јас бев дете, мајка ми го чуваше како сувенир во витрината.
Ќе го паметам како другар со кој си кажувавме вицови и кој никогаш не се лутеше ако го зезнеш патем, туку напротив, ќе се насмееше и ќе гледаше да ти врати со иста мера.
Помнам еднаш, собиравме сено заедно, што морам да признаам, поради неговата „огромна љубов“ кон физичката работа беше права реткост, како гром од ведро небо ме праша: „ А бе внук, ти знаеш српски!?“ Јас онака мокар позади уши, гордо му викам: „ Да бе, како не!“ „Е ај кога толку добро знаеш српски, кажи ми ти мене, како правилно се вели на српски, што да правам или шта да радим?“ „ Де бе Стари, не биваше нешто потешко да ме прашаш!? Па нормално, шта да радим!“ Му велам јас целиот онака озарен, демек сум го прешол.... „Ако немаш попаметна работа придржи му го на Брусли, рече Стариот и почна да се смее на цел глас и продолжи да работи а јас останав подзинат. Инаку за да биде појасно, Брусли беше ждребето на Миленија кое мирно пасеше покрај нас во ливадата.
Ќе го паметам, како човек кој сакаше убаво да се облече, човек чии утрински ритуал на лична хигиена траеше цел еден час. Човек кој не фаќаше никаква физичка работа без предходно да се облече во работничко одело и да стави ракавици на рака.
Ќе го паметам како голем гурман, хедониста, боемчина, кој обожаваше да седи со друштво по кафани да пие, да пее и да се весели но секогаш со мерка, никогаш да се опие и да не знае што прави.
Ќе го паметам и како човек кој исклучиво држеше до својата приватност, но истовремено уште повеќе ја почитуваше туѓата.
Ќе го паметам по многу негови изреки, дури може да се рече и мали мудрости од типот:
„ На кого му се умира нека умре, мене ми се живее.“
„ Нека живи здружен труд, а нек ради ко је луд.“
Ќе го паметам по приказните за војната и како тоа татко му Никола, инаку бивши џандар во Краљевина Југославија и партизански водич и курир за време на војната, го зезнал да не земе боречка пензија, затоа што кога Глигорије се приклучил на партизните, стариот краљевски џандар, буквално на клоци го вратил дома.
Ќе го паметам по приказните за младинските работни акции во повоена Југославија, Шамц - Сарајево и др. По песните што ги пееле бригадирите на тие акции.
„Дошло писмо из Берлина
Хитлер јебо Мусолина
а Гроф Ќано Рибентропа
па се тресе сва Европа...“
Едноставно ќе го паметам..................
Отиде Глигорије како што и живееше, како да сакал за последен пат да се пошегува со смрта, со сите што го познаваа.
Човекот кој никогаш не љубеше физичка работа почина косејќи го тревникот пред неговата куќа, нормално фул облечен во работничко одело, со чизми на нозете и ракавици на рацете.
Почивај во мир Стари, заслужи!
Sleep Tight, and Don't Let the Bed Bugs Bite.
Се гледаме можеби повторно некогаш.
А и ако не, и ова што го имавме како дедо и внук беше и повеќе од доволно.
Збогум Стари!

Saturday, June 7, 2014

РЕД И ПОРЕДОК

Малку ред и поредок не штети никому...
Ниту во фамилијата, ниту во државата, ниту во општеството.
Така барем јас мислам...
Некако сум така скроен... Одсекогаш ми пречело безредие и анархија, ситуациии кога, ниту се знае кој пие а уште помалку кој плаќа.
Луѓето кои веруваат во зодијакот ми велат дека тоа го носи мојот знак, не знам, можеби, јас не верувам во хороскоп, а низ животов сум запознал многу луѓе кои се родени во истиот хорсокопски знак како мене а биле тотално различни карактери од мене. Повеќе сум склон кон мислењето дека еден човечки карактер се гради низ животот, дека го градат дешаванките кои му се случуваат на човека и луѓето кои го опкружуваат.
Нејсе, зошто го почнав муабетов?
Синоќа, како што пишав веќе, чекав да ми дојде една група од 25 воени кадети на американската армија на гости... Во хотелот де, не дома.. :)
Поучен од слични ситуации, кои се случувале во минатото во хотелчево, каде јас или некој од моите колеги сме и рецепционери и портери и лифтбои и хаусмајстори и бармени и конобари, или со еден збор, поточно три, момчиња за се, очекував невидена калакурница во ниедно време, во глуво доба, во два часот по полноќ. Сознанието дека очекувам група на млади луѓе на возраст од дваесет години, уште повеќе ми ја подгрејуваше помислата дека ќе имам исклучително напорна ноќ. Но се излажав. Не предвидов дека тоа не се обични млади луѓе, ами идни офицери, чии животни навики и однесување во многу се разликуваат од оние на нивните врсници цивили.
Некаде околу два часот по полноќ пристигна групата а за неполн половина час сите се сместија по нивните соби без да им се чуе глас, без ниту една поплака за било што, без да тропнат ниту со вратите ниту со нивните војнички транспортни вреќи кои беа поприлично големи и тешки. Не се пожалија ниту на лифтот кој едвај собира двајца луѓе со по една торба, туку напротив, ги ставија своите торби на рамо и дисциплинирано без да проговорат ниту збор се качија по степеници до своите соби, некој од нив дури и до шестиот кат.
Откако се сместија просто не можев да си поверувам колку брзо и безболно се случи сето тоа. Не можев да поверувам дека овој пат имав помалку заебанции со група од 25 луѓе одошто сум имал со некој умислен Иранец или параноичен Германец.
Децава ме подсетија на времето кога јас служев војска, ме подсетија на редот и дисциплината која владееше во четата каде што служев, ме подсетија на коментарот на мајка ми по посетата на павиљонот каде што беше сместена нашата чета, - Зар ти си го местиш сам креветот!? Зар вие сами чистите во спалниве и купатилава!?, коментираше и прашуваше Горица, целата во неверување, дека нејзиниот осумнаесет годишен син, кој дома никогаш не беше си го наместил креветот и група од негови врсници може да бидат така одговорни, послушни, вредни и дисциплинирани.
Се се може кога се сака и кога има ред и поредок, или што би рекол дедо ми Глигорије, - Кад се зна ко коси а ко воду носи!
И не сум јас некој милитантен тип, напротив, не патам по униформи, тоа ќе ви го потврдат моите блиски кои знаат дека во животот два пати сум имал сериозна шанса да станам дел од воена формација како животен позив но сум одбил, баш од причина што не сум скроен за носење униформа, но имам чувство дека во државав ми фали  ред и поредок и тоа баш оној војнички.
Инаку децава сеуште ни се на гости и сеуште глас не им се слуша, мирни се како бубачки. Замислете место нив да имам дваесте и пет матуранти кои се дојдени на матурска екскурзија... Не сакам ни да замислам што би ми се случувало во моментов во хотелов, оти и тоа троа коса што ја имам на глава ми се крева како боцки на еж кога се брани од некое куче кога ќе помислам на таква ситуација.

Tuesday, May 6, 2014

ПОГЛЕДОТ НА МАЈКА МИ

Утрово Госпожата замина рано на работа уште пред 06:30.
Прва смена, што да се прави,c'est la vie, викаат Французите.
Така да јас ги спремив и ги испратив женските на училиште..
И не, не се фалам, го правам јас тоа бајаги често и морам да признаам, прилично вешто.
Хебига не се ова времињата на дедо ми Јастрат, ова се некој други времиња, такозвани УНИСЕКС...
Сори Дедо, ама се мењаат времињава ко луди, морам да се прилагодувам, не само јас ами повеќето од нас „силните мажишта“.
Нејсе, испратив женските. Гоца и Цоци испија кафињата и дневната доза медикаменти и по усталениот, формално никаде пишан, дневен ред на Гоца, почнавме со средување по дома.
Вообичаено, ништо страшно, ако го мрднам седмоседот и Гоца ги испере завесите, скоро па генералка, ама тоа е е редот кој Гоца го тера па, цели 45 банки и може бомби да паѓаат надвор, она од тој ред не се откажује.
На времето, кога беше помлада и далеку посилна, не дозволуваше никој да и се „меша у штипки“, односно да и помага. Сите не бркаше надвор, да не и пречиме и додека не завршеше со ритуалот никој од нас не се прибираше дома оти знаеше дека лошо му се пишува. Арно-ама, како и врвеа годиниките така и силата и дрчноста ја напуштаа па во последниве десетина години нема против ако некој и помогне во изведувањето на утринскиот ритуал. Мислам, никогаш не се понижила да побара помош, напротив, дури секогаш вика - „Остај, остај, ќе го направам јас тоа, не се мачи!“, ама во гласот и се познава дека не го мисли тоа и дека би и било мило ако некој од нас домашните и помогне, оти опцијата да остане станот не исчистен на еден ден не е ни под разно во нејзината глава и мислам дека, се додека дише никогаш нема ни да биде.
Така во последнава декада се почесто некој од нас и помага во „ритуалот“. Најчесто тоа е Госпожата, ама морам да признаам не ретко сум тоа и јас. Да ви кажам веднаш, иако сум машко сепак сум „син на мајка“ и најверојатно Гоца така јако ме има истренирано, што морам да Ви признаам, дека и мене баш не ми се допаѓа идеата станот не исчистен на еден ден.
Нејсе, да се вратам на приказната, поточно на лајт мотивот кој ме повлече да пишувам.
Средивме со Гоца по станот и земав да си направам едно кафе а она нешто довршуваше во купатило.
Го смутив кафенцето, земав кексите и трганв од кујна накај дневна на раат да се напијам кафе.
Излагам од кујна во ходник и ја гледам Гоца ме гледа со еден поглед.............., не можам да Ви го објаснам, истовремено и среќен и тажен. Од очите во тој момент и читав насмевка, топла мајчинска, а на образите и се тркалаа солзи.
Кажи Гоцо, што те мачи!? и викам....
Ништо синко..- ми вели, те гледам и си викам, кога поминаа 45 години?! Како вчера да беше кога те родив во болницата во Бањица.
Да, навистина, за недела дена полнам 44 години! - и реков и продолжив да ја задевам.
И сега!? и велам јас, тебе како да тие жал галиба за нешто?
Не,не! ми вика Гоца,- Како жал, само се чудам кога поминаа толку години.
Тоа беа последните зборови што ги изустивме на таа тема, не рековме ништо друго,  а јас по неколку часа заминав на работа.
Арно-ама, откако ја видов утрово Гоца во ходникот со тие нејзини, истовремено насмеани и насолзени очи, цело време ме гони една мисла. Што ли и се вртело низ главата во тој момент на мајка ми?
Веројатно целиот нејзин живот и поминал како на филм во тие мигови. И како сечии живот впрочем, и нејзиниот бил проткаен со убави и лоши моменти и затоа веројатно таа мешана емоција во нејзините очи, истовремено и среќа и тага. Среќа за сите убави работи што и се случиле и што ги постигнала, за децата, за внуките. А тагата?! Тагата веројатно за она што не успеала да го направи а сакала, за младоста, за силата.....
Се си мислам, во тој нејзин поглед беше дефиницијата што значи да си родител. Не, не можам да ја пишам со зборови, ама кога и ги видов очите ја почуствував.
Не знам зошто ви ја раскажав приказнава, ама ми притискаше одвнатре и сакаше да излезе надвор, не успеав да ја сочувам само за себе, морав да ја споделам.
Си мислам, ако не штети, можеби ќе користи некому.