Saturday, April 5, 2014

МОМОКОТ И ГАЗДАТА

Ова е една приказна за еден момок и еден газда. Приказна како и секоја друга ќе речете и ќе сте во право. Ништо посебно...... Но, сепак има нешто што оваа приказна ја прави посебна, поинаква од другите слични такви. Посебноста е во тоа што таа нема крај. Нема крај не оти не сум сакал да ви го раскажам туку заради тоа што и јас не го знам крајот на приказната, иако можеби го наслутувам. Нема крај од проста причина што сеуште тече, приказната сеуште се одвива и навистина не би знаел да ви кажам како со сигурност ќе заврши.
Нејсе, еве вака....

Скоро четврт век еден сиромав момок му слугувал на еден исти газда...
Се сретнале сосема случајно, впрочем како што луѓето вообичаено се среќаваат. Ги запознал еден заеднички познаник. Сиромавиот барал работа а газдата момок кој му требал да му ги врши  работи кој не стигал да ги заврши самиот. И да се разбереме, ниту сиромавиот не бил она, голтар што се вика, да нема за што пес да го уапа, ниту пак газдата бил некој голем газда да спие на пари. Едниот бил нормално момче од работничко семејство кое сакало да се тргне од јаслите на родителите и да почне сам да печали за живот, а другиот бил добростоечки средновечен човек од „добра„ фамилија кој бил цврсто решен да биде баш оној кој ќе се памти во фамилијата по својата одважност, храброст, инвентивност и на крајот на краиштата по својот сенс за печалење пари.
Момчето било младо, мирно, послушно и работливо, баш какво што барал газдата, а тој бил поштен, добар, милозлив, добар учител, со еден збор, газда каков ретко се наоѓало во тоа време во таа земја.А згора на тоа бил и човек, во вистинска смисла на зборот, ги сослушувал луѓето сочувствувал со нивната мака и ако можел им помагал. И така тие двајцата баш се нашле, што вели народот и почнале да функционираат скоро беспрекорно, чиниш векувале заедно.
Врвело времето а тие двајца работеле вредно и од ден на ден го зголемувале богатсвото на газдата. Газдата бил толку задоволен од својот момок што не го сметал за момок-работник, ами го сметал и го сакал како трето куче во домот. И немојте да се смеете за оваа моја опаска, тоа дека го сакал како трето куче во домот значело многу, затоа што газдата имал две вистински кучиња кои по жената и децата му биле најмили на светот, така да, да бидеш трето куче во домот на газдата навистина значело многу.
Момокот бил задоволен од својата положба во тој однос помеѓу него и неговиот газда, не оти печалел многу пари, туку таков бил по природа, скромен и за воља на вистината малку простодушен и со голема вреба во луѓето. А му се бендисувал и односот кој го имал газдата према него и тоа што бил како дел од фамилијата, трето куче нели.
Врвеле годините и газдата станал асли газда, со сите нишани а положбата на момокот не се сменила, барем не на поарно. Единствено што се сменило бил самиот газда. Веќе не бил така трпелив како некогаш и со разбирање кон проблемите на обичните луѓе. Ги гледал некако од високо и не сакал или и не можел да ги разбере нивните маки и проблеми. Момокот ја забележал промената но ја правдал со големиот ангажман околу работата и се си мислел дека кога газдата ќе спечали доволно пари, ќе се смири и повторно ќе биде оној стариот.
Хе, ДОВОЛНО ПАРИ! Не знаел сиротиот простодушен момок дека такво нешто не постои. А како и би знаел.
Дошло време кога газдинството толку многу се зголемило што момокот веќе не можел да стигне да ги заврши сите работи. Се договориле со газдата дека ќе вработат уште работници. Така и направиле. Пуштиле абер дека на газдата му требаат работници а сите заинтересирани оделе на муабет прво кај момокот па потоа кај газдата и така биле избрани да работат за газдата. Во работата нормално ги воведувал момокот, кој на сите им објаснувал што и како треба да работат. Малку му било тешко истовремено да ја врши сета работа и да учи нови деца како се работи ама со умот си велел дека тоа нема да трае долго и дека откако ќе ги обучи новите работници тој ќе си ја добие новата залужена (барем според него) позиција, втор човек на газдинството. Арно-ама, газдата не мислел така, а секогаш е побитно што мисли газдата од она што го мисли момокот.
Работата растела, богаството на газдата исто така, а момокот иако не ја добил заслужената (барем според него) награда, продолжил да работи на газдинството како да работи лично за себе, а што е уште побитно, ги учел и сите останати работници да работат и размислуваат како него. Бидејќи бил во суштина добар човек, човек од збор и работник кој секогаш иако најстар највеќе работел, останатите работници многу го почитувале и за жал, а голема среќа на газдата, го следеле неговиот пример, односно, работеле на газдинството како да работат на нивата на татко им.

Поминало време и ништо значајно не се променило, освен што лека - полека, старееле и газдата и момокот.  Иако станал свесен дека без разлика колку придонел за благосостојбата на газдата, нема да биде вреднуван и почитуван ништо подобро од било кој новодојден работник на газдинството, туку напротив, ќе биде ист или дури и помал во очите на газдата со сите останати работници, тој во својата простодушност не успевал да смогне сили  да го напушти газдата и газдинството, или барем да побара од газдата да биде вреднуван повеќе од останатите работници. Сеуште во него тлеел оној инстинкт на кучешка верност кон стопанот кој толку длабоко бил всаден во него што момокот заради тој инстинкт низ годините пропуштил неколку добри прилики за подобро платена работа.
Дошло време и момокот се оженил, створил и фамилија. Веќе не мислел само на себе и на својот опстанок, на плеќи му лежеле и добробита на неговите деца и фамилија, тие само ги ојачале прангите со кој бил врзан за газдата.  А газдата како да го чувствувал тоа и во секоја прилика, не директно, ама онака одоколу, но сепак доволно јасно и гласно за момокот да разбере,му го предочувал фактот дека веќе не е така млад а носи и „товар“ на своите плеќи.
Иако длабоко во себе не сакал да се помири со таа состојба, во реалноста се’ правел како да се помирил и предал на судбината. Таа двојност помеѓу чувствата и акциите го јадела одвнатре и често го фрлала во депресивни и нервозни расположенија кои неговите блиски ги забележувале но не можеле да си ги објаснат. Момокот точно знаел од каде идат тие негови фрустрации но не сакал никому да признае, дури ни на сопствената жена. Често сонувал буден како седнува во четри очи со газдата и во отворен муабет му кажува се што му лежи на душата, се што го мачи и тишти сиве овие години. Но тоа било само,  иако буден додека го сонувал, тоа сепак бил само сон, кој момокот никогаш не собрал храброст да го преточи во јаве..
Еве и ден денес сеуште го сонува, впрочем тој сон му е единствениот издувен вентил преку кој му олеснува на душата.........
Момокот сеуште работи кај истиот газда и тоа со истата посветеност и одговорност кон работата како и првиот ден. Но одењето на работа веќе не му причинува задоволство како некогаш, туку напротив, кога оди на работа како да оди на бесилка, нозете му се враќаат назад. И тоа го чини исклучително несреќен, зошто сега е свесен дека залудно му ги дал најубавите 25 години на газдата кој умешно ги искористил за свое богатење а не смогнал доволно доблест барем со еден гест да му го признае тоа на момокт, а тоа толку би му значело, повеќе дури и од било какви пари. Баш напротив, газдата ја користи секоја прилика да му предочи дека тој не е ништо специјално на газдинството, дека е ист како и стите останати работници и дека како му врват годините станува се помалку вреден за газдата и газдинството и дека треба да биде благодарен што ете, од сожалување и милост, газдата сеуште го чува на газдинството.
Ќе продолжи..........

Thursday, April 3, 2014

ЧЕТРИ „КРКУШКИ“



Завчера сабајле земав тоа сметките од над телевизорот, таму ги собирам додека не земам плата за да ги платам, земав дигитронот и почнав да правам математика. Излезе една „убава“ цифричка... Потоа отворив „чекмеџето“ кај што ги чувам парите цели 2-24 часа, зависи која смена сум на работа и му ја избројав дотичната цифра на татко ми, му ги тутнав и сметките и го испратив да ги плати.
Арно-ама, гледам у чекмеџето - чудо, останале цели четри „кркушки“.., а бе јазикот до земја мислам ми падна кога видов, просто не можев да им верувам на очите. Гледам на телевизорот, гледам до него, под него, нигде заборавена сметка, се сум му дал на стариот да плати. Ја прашуем старата да не не стигнала некоја сметка, ми вика не...
Целиот у прашалници, уште не можам да им поверувам на очиве и повторно ги бројам парите у чекмеџето, број, број, па четри „кркушки“ испаѓаат.
Еееееее, мајката...
Полека почнав да се подрадувам по малку, онака плашливо со неверица..
Цело време не можев да си објаснам како овој месец успеавме да „уштедиме“ толку пари ...
Еднаш дури си помислив дека некој од домашните се шегува со мене, оти нели први април и то, арно-ама, тоа одма го отфрлив како опција, знам нема никој по дома толкав кеш да си игра мајтап со мене, па ако сака да биде и Св. први април. Така да се помирив со фактот дека ете, јас и моите дома овој месец сме биле поприлично штедливи и сме успеале да уштедиме пристојна цифра пари.
И така цело време јас у некое фино расположение. Дојдоа и клинките од училиште. Вообичаено ми дадоа „рапорт“ како си поминале, беа пресреќни оти учителката не им дала ништо за домашно и то..
Седнаа к'снаа малку и додека јадеа јас па продолжив да ги давам со обврските кои ги чекаат тој ден иако они не ми беа баш расположени за такви бош муабети, паметот им беше негде надвор, кај љуљашките пред зграда. Ама јас сум ти упорно типче, чиниш питбул, кога се работи за обврски и додека не се средат, мислам обврските, нит јас сум раат ниту другите ги оставам раат. Така женските, видоа -  невидоа, мораа да ги донесат тоа ранците од „БРЕЈН О БРЕЈН“ и да седнат да решат некоја табела пред да излезат надвор.
Вади Ана книгата и ми ја дава да видам што треба да сработат „и у том моменту је дошло до прекида филма“, мојата радост за уштедените четри кркушки се распрска како балон од сапуница кога од книгата испадна уплатницта за „БРЕЈН О БРЕЈН“ курсот која гласеше точно на ЧЕТРИ ИЛЈАДИ ДЕНАРИ.....