Sunday, December 9, 2012

Без „НЗС“

Ќе да беше 1981 крајот или почетокот 1982 година, кога на таткоми, конечно, после триста перипетии, тогашно Г.П. „МАВРОВО“, во кое веќе работеше некој 10-15 години, му доделија стан во тогаш новоизградената населба „ХИПОДРОМ“ на периферијата од градот. За оние помладите, кои не знаат, во тоа време повеќето фирми на своите вработени им доделуваа т.н., општествени или солидарни станови. И тоа беше едено од начините ( поточно доминатен начин), младите брачни парови со нивните деца да дојдат до сопствен стан.
До тој момент, се сеќавам дека се потуцавме по разно-разни супстандардни собички низ градов.
Нејсе што ми беше
муабетот!?                                                                                                                                                                    Се вселивме во една кула која броеше и сеуште брои, 36 стана, што ќе рече 36 фамилии. Во целата таа зграда, гледано од денешен аспект за големо чудење, имаше само 5 ( и со букви) „ПЕТ“ автомобили. Фиќото на такоми и четри „стокеца“, оној на Чичко Беќир, Чичко Дуле, Чичко Миле и покојни Чичко Перо. А и во останатиот дел од населбата не беше по различна ситуацијата, што ќе рече, повеќето од населението од населба Хиподром се возеа со градски превоз линија бр.50 која беше толку ретка, нарочито преку зима, што ако ти побегне, подобро оди врши си некоја работа па врати се за следната. И види чудо никому тоа не му пречеше и ретко кој доцнеше онаму каде наумил да оди. И низ останатиот дел на  градот, па дури и во централното градско подрачје, беше слична ситуацијата, имаше автомобили но ни приближно на денешнава цифра, така да, за паркинг (кои исто така ги имаше многу помалку од денес), немаше проблем.
Што се случи во меѓувреме незнам, арно-ама, денеска  скоро секоја една фамилија во таа иста кула поседува по 5 автомобили, ај претерувам, не 5 ама по 2-3 сигурно и ако случајно  сте еден од последните кој навечер се прибирате дома, нема да најдете слободно паркинг место ни под точка разно и ова Ви зборувам за истата населба Хиподром од погоре, која горе долу има ист број жители како и пред 30 години. А за градот и да не зборувам, сите знаете каква калакурница е сообраќајот во Скопје. А и тој сиротиот, мислам на градот, не е нешто многу проширен од пред триесет години, бар не толку многу колку што е нараснат сообраќајниот хаос во него, ма ни приближно толку.
А во меѓувреме 50-ка веќе не е така ретка како пред 30 години, ја има на секој 10-15 минути, а и другите линии на ЈСП исто така.
Еве Бај Коце ни купи, (така барем се фали иако ги пазари со наши пари,) и нови автобуси во кој, за воља на вистината, е пријатно да се возиш и лете и зиме. Паркинзи и катни гаражи се градат на секое ќоше, тоа полека преминува и во национален спорт, како борењето во слободен стил што беше едно време додека го коментираше Зоран Михајлов, арно ама сообраќајната калакурница никако да се стави под контрола.
Имам чувство дека луѓево пред да проодат сакаат да научат да возат, ко во кола да се родени. Никој не сака со автобус, точак или недајбоже пеш да оди, ниту една автобуска станица, а да не зборувам за подолги дестинации. А бе ниет се  со кола да одат до маалското гранапче леб да купат. А бензинот скап по скап досега не бил. И сега оди туриму ти НЗС на народецов наш! Од една страна сиромаштија, леб нема да се јаде, убави нови и редовни градски автобуси и ефтини кинески точаци. А од друга страна сообраќајна гужва чиниш во Њујорк се наоѓаш, сите сакаат со коли да се возат.
Навистина неможам да сфатам. Нема НЗС……….