Thursday, March 15, 2012

ПОЛИЦИСКА БРУТАЛНОСТ

Незнам......................
Не се сеќавам веќе, 1986-та ли беше, ’87-ма ли беше? А не е ни важно за приказнава. Важно сеуште беше СФРЈ, едноумие, полицијата сеуште се викаше МИЛИција, а јас бев млад зелен и наивен.
Ова последново сеуште важи а се друго веќе е далечно минато, за жал......
Тие години на овие простори сеуште се играше фудбал, мислам вистински фудбал, не ова што некој се заебува (да ми простите на израз) да отиде да го погледа на нашите стадиони денеска. И сеуште имаше фудбалери, во правата смисла на зборот,( а не ко овие денешниве „селски шиљокурани“ кој само мислат дека играат фудбал), за кој беа заинтерсирани и најдобрите европски тимови. И да, што е најбитно за приказнава, сеуште имаше публика која едвај чекаше утакмица за да отиде на стадион да си навива за својот тим. А немаше маж, (а богами имаше и доста жени) кој држеше до себе, а кој немаше свој омилен тим за кој душата би ја дал. Да се разбереме, тоа се беа тимови од бившата домашна лига а не шпански , италијански и др. белосветски тимови. Тие беа во втор план.
И тогаш, како и денес, имаше нормални навивачи и љубители на фудбалот и оние нјазагреаните кои баш тогаш некако, почнаа да се организираат и да си даваат имиња, Торцида, БББ, Гробари, Делии, Комити, Мераклиje, Хорде Зла и да не редам...(за воља на вистината Торцида и Гробари веќе постоеа како такви од поодамна). Битно во нив тогаш, како впрочем и во овие денешниве навивачки групи, членуваа воглавном помлади луѓе, да не речам адолесценти.
Колку и да беа, за тогашни стандарди, овие навивачи и навивачки групи насилни и недоделкани, во споредба со овие денешниве, тие деца беа прави „вуковци“, што би рекле Београѓани.
Нејсе.........
Јас, мора да признаам, тогаш, а ако ѕирнам длабоко во душава, и денес, навивав за Црвена Звезда, арно ама, поради тоа што живеев (живеам) во Скопје, втор тим за кого навивав и на чии утакмици најчесто одев, беше Вардар. Тие годин Вардар беше еден од најдобрите тимови во бившата ни држава и лига, беше и шампион сезоната ’86-’87, а трибините на градски на секоја утакмица беа дупке полни, се бараше карта повеќе, и тоа без разлика кој гостуваше на Градски, Звезда, Вележ, Динмамо, Војводина или некој друг.
Е сега, да се вратам на приказната, се сеќавам на едно гостување на Хајдук, кој инаку беше познат во бившата држава како тим кој има највеќе навивачи надвор од нивниот матичен град Сплит, а Скопје не беше исклучок, па така, на таа утакмица  источната трибина на Градски, на која секогаш беа навивачите на тимот кој гостуваше, беше преполна со навијачи на Хајдук. Бидејќи МИЛИцијата ова го очекуваше, насекаде по трибините на Градски низ навивачите беа распоредени обични МИЛИцајци - позорникари кои требаше да ја контролираат публиката и нивните реакции, како не би дошло до некој инцидент, а долу, на атлетската патека покрај теренот стоеше паркирано едно ПИНЦГАУЕРЧЕ покрај кое стеоеа и ја гледаа утакмицата, десетина полициски специјалци кои беа како екстра обезбедување, демек за недајбоже.
Почна утакмицата..
Неделно попладне, тргна лошо за Вардар, Хајдук брзо поведе. Атмосферата на трибините се запали до максимум, а навивавачите на Хајдук од источна само долеваа масло на огинот со нивното навивање. И се беше во ред до моментот додека едно друштво од два-тројца веројатно малку поднапиени и раздразнети навивачи на Врадар, решија својата љутина да ја смират со тоа што ќе се поигруваат со МИЛИцаецот кој стоеше во нивна близина, поточно еден од нив му ја турна шапката од главата. Оваа несолена шега предизвика смеа помеѓу публиката која ги окуражи оние што му ја турнаа шапката на МИЛИцаецот да продолжат да се поигруваат со него, поточно да му ја кријат и да не му ја даваат шапката. Оваа забава за публиката не траеше долго, поточно траеше нецели 2-3 минути, време колку што им требаше, на наваидум незаинтересираните и сонливи специјалци да забележат што се случува со нивниот колега на трибината и со трчање, за нецели 10-15 секунди да се најдат покрај него. Прво што направија кога се најдоа на местото на инцидентот, грубо го отурнаа нивниот колега настрана, а потоа следуваше таков брутален напад врз “веселите“ навивачи кои се осудија да се поигруваат со нивниот колега, што и ден денеска, тоа е првото нешто што ми се појавува пред очи кога ќе чујам ПОЛИЦИСКА БРУТАЛНОСТ. Ги измаваа ко “волови у купус“, што би рекле Скопјани и така истепани, целите во крвови и модрици, ги влечеа низ трибините се до паркираниот ПИНЦГАУЕР каде што ги ставија и ги однесоа до некоја оближна полициска станица на „довоспитување“.
Тогаш, а и сега, мислев и сеуште мислам, дека тоа беше претерана употреба, да не речам, ЗЛОУПТРЕБА, на физичка сила на униформирани лица врз цивили, односно типична ПОЛИЦИСКА БРУТАЛНОСТ. Арно ама, по настанот, состојбата на трибините се смири и утакмицата заврши во најдобар ред, без никакви понатамошни прекини и проблеми.
Утредента ниту по пишаните ниту пак по електронските медиуми, немаше ни збор за било каков инцидент на утакмицата а камоли некакво спомнување на полициска бруталност, а да незборам дека никој не ни помислуваше, а камоли да организира, било какви протести против полициска бруталност. Останаа само малските кафе муабети на кој се прераскажуваше настанот и ништо повеќе.
Е сега немој да ме разберете погрешно, арно ама по сите неодамнешни случувања во државичкава, би сакал да можам да го вратам времето назад и да ја донесам таа МИЛИЦИЈА наместо оваа ПОЛИЦИЈА, таа ТОТАЛИТАРНА држава на местото на оваа ПЛУРАЛНА И ДЕМОКРАТСКА држава, тој медиумски МРАК на местото на оваа медиумска СЛОБОДА, за да можам слободно и без страв да отидам на утакмица, да пуштам дете со автобус да отиде на училиште, да отидам на кафе до кај другарми во Чаир, да .................., да направам уште мал миљон работи, што нормален човек ги прави во нормална земја, без да се плаши за својата и безбедноста на своите блиски..
И знам дека многумина од Вас ќе речете дека не сум нормален што посакувам такво нешто, ама јас мислам дека тоа е нормална желба на секој нормален човек, од проста причина што се испостави дека, поголемиот дел на луѓево од овие простори се, да ми простите, како стока, не се разбираат од збор, туку само од стап и од ќотек.
За жал!