Friday, April 25, 2014

ТЕ ПОБЕДИВ, ТЕ ПОБЕДИВ!!!

Знам дека овие денови малку што ве интересира ако не е врзано со Грујо, Мујо, Зајо и  предстоечките избори, ама ниту животот почнал со овие избори а најверојатно нема ни да заврши со нив иако за ова второво не можам да гарантирам, не за друго, туку баба ми не се викаше Ванѓа :P , ама јас сепак ќе пишам еден статус неврзан со избориве а врзан со бабами Флорика................ не Ванѓа. :)
Нејсе.....
Како што знаете, а можеби и не, не е важно, јас од пред извесно време почнав редовно, еднаш неделно, кога сум слободен, да се качувам на Водно. Така и вчера. Јас слободен, денот не баш убав, ама ко што викаше еден осумдесет годишен дедо - палнинар, - Нема лошо време има лошо облечени луѓе, се качив на врв Водно.
На патеката, а и горе на врвот, бев потполно сам, буквално никого немаше на Водно, ова ако не ги сметам овие од Г.П. ГРАНИТ што по налог на Владата решиле да го снижат водно, они се нели работно ангажирани и не се рачунаат (извинете на србизам).
А една пролет пукнала на Водно, не можам да Ви опишам. Немало таква пролет у градов па и во државав..., не паметам од кога. Нестварно зеленило, птици пеат чиниш не си на Водно, ами во Амазон. Со еден збор, или сепак два, „Лепота Порока“. :)
Некаде пред врвот ја слушнав кукавицата како кука и ми текна на баба ми Флорика....
Како дете, цело лето, а богами и голем дел од викендите во текот на годината, ги поминував со неа во Дуф. Така да, сакал јас или не, таа ме научи на многу работи во животот. Едно од нив беше дека, од некаде пред Ѓуѓовден, кога во оклината на Дуф ќе запролети, човек не смее наутро да излезе надвор во природа пред да касне нешто, зошто може да се случи, кога ќе излезе надвор да ја чуе кукавицата како кука, а ако такво нешто се случи а ти немаш ништо презалогаено пред тоа, постои верување во народот дека кукавицата ќе ти ја земе сета сила и нема да можеш да завршиш ниту една работа што си ја испланирал за тој ден.
Затоа сите бабовци и дедовци во Дуф на своите внуци не им дозволуваа наутро да излезат од дома без да стават барем едно залче леб во устата.
Баба ми Флорика ми велеше исто така, дека кога наутро за прв пат ќе ја чујам кукавицата треба гласно да и кажам - „ТЕ ПОБЕДИВ, ТЕ ПОБЕДИВ!!!“, за да ме чуе и да знае, дека сум бил послушно дете и сум доручкувал пред да излезам од дома.
Така и вчера утро кога ја чув кукавицата на Водно како кука, прво на што се сетив беше баба ми, и за момент како да го чув нејзиниот глас како ми вика, - кажи и дека ја победи, кажи и дека беше умен и дека утрово кога излезе касна нешто, кажи и!!!, ми велеше старата........., и одеднаш почнав на цел глас да викам, - ТЕ ПОБЕДИВ, ТЕ ПОБЕДИВ, ТЕ ПОБЕДИВ!!! и ми потекоа солзи...........
Ми недостасува баба ми Флорика и нејзината мудрост и сила.
Не знам зошто Ви ја раскажав приказнава, ама си мислам ако не штети можеби некому ќе користи.

Како и да е, животот е многу повеќе од избори и расипани политичари.