Friday, August 14, 2015

ИМПРЕСИИ

Поминува летово и се почесто по нетов може да се прочитаат импресии од летувањата по разни дестинации...
Неретко за една иста туристичка дестинација може да се прочитаат дијаметрално спротивни импресии, чиниш станува збор за сосема различно место кое по некоја пука случајност само исто се вика.
Кога и да налетам на вакви писанија, а налетувам поради тоа што сакам да читам туѓи искуства и да се учам на туѓи грешки, ако ништо друго помалку чинат нели, мислам на туѓите грешки и искуства, секогаш ми текнува на една случка која сега ќе Ви ја раскажам.
Елем...
Приказнава се случи пред 20 и кусур години...
Јас  тогаш бев млад  и „зелен“ ,за разлика од денес ,кога сум само „зелен“, бидејќи младоста ја потрошив некаде по пат за ваму...
Нејсе, значи млад и „зелен“ и тазе вработен во мала приватна фирмичка каде освен Газдата единствен вработен сум јас, што автоматски по редот на нештата мене ме прави „Заменик Газда“.
Шега на страна, ама навистина јас во фирмата на Газдава, каде патем речено сеуште работам, а и не само во фирмата туку и во фамилијата, бев како трето куче. Ова „трето куче“ сфатете го како комплимент  а не како погрда, бидејќи Газдата имаше две кучиња кои, после своите деца, ги сакаше најмногу на свет. Така да, да се биде трето куче во случајов, воопшто не беше лоша работа и значеше дека Газдата те сака и почитува.
Споменав погоре дека Газдата имаше деца, ќерка и син. Ќерката беше постара, комај мое годиште а синот помал. И кога велам помал мислам баш помал, цели 10 години помал од мене, значи детуле од десетина - дванаесет години.
Беа и сеуште се, фини и воспитани деца и кон мене се однесуваа како да сум дел од семејството. Тоа значеше дека редовно муабетеа со мене за се нешто. Од малкуте слатки маки кои ги мачеа па се до сите радости и убавини кои им се случуваа во животецот. Меѓу другите муабети беа и оние каде, кога и зошто баш таму на летување...
Едно лето малиот на Газдата отиде на летување со едни свои другарчиња од маалото и со еден од нивните родители во Турција, мислам во некои од хотелските ресорти во Анталија. Кога се врати од летувањето дојде во фирмата чии канцеларии беа во склоп на фамилјарната куќа на Газдата, за да ми раскаже како си поминал на летување.
Малиот беше полн со впечатоците од летувањето и тоа позитивни, тоа му се гледаше од очите кои му искреа од задоволство додека ми ги раскажуваше сите убавини на хотелскиот ресорт со пет ѕвездички во кој летувале.
Го слушав внимателно и пробував да си направам слика во главата како сето тоа изгледало, поради тоа што јас дотогаш, а морам да признаам и до ден денешен, не сум летувал во таков луксузен хотелски ресорт.
Бидејќи имам добра моќ на замислување а и малиот страшно сликовито објаснуваше, сликата за ресортот со пет ѕвездички беше створена во мојата глава и морам да признаам, прекрасно изгледаше.
Но за цело време додека малиот раскажуваше, во главата ми се вртеше една мисла... Зошто на дете од 10-12 години на летување му е побитно каде и какво ќе му биде сместувањето од самото море, плажите, дружбата и збавата? Навистина, зошто!?
Ме боцкаше прашањето и не можев да издржам и го поставив. Додуша не директно, да не се сетат Власите, арно ама, сепак го поставив.
Муабетот го свртев кон тоа дека и јас сум летувал по разни мориња и никогаш не ми било битно каде ќе спијам и што ќе јадам додека сум таму, туку ми биле битни самото море, плажите, другарите и збавата.
Па така, му реков јас на малиот, најубаво сум си поминал на одмор во Буљарица во извиднички камп спиејќи во шатор направен од шаторско крило и хранејќи се во војничка менза. Пробав и со други примери да му објаснам на малиот дека не е битна „формата“ на едно летување, туку „суштината“, арно-ама, по очите му се гледаше дека не ме разбира што сакам да му кажам. Дебатиравме така ние некое време, пробував јас да го убедам  во моите размисли околу летуавњето но тој не се даваше и после извесно време расправија ми кажа нешто што ќе го паметам цел живот...
„ Душане, тебе ти е убаво да летуваш под шатор и да се храниш по мензи и сендвичари оти во животот не си видел поубаво, за разлика од тебе јас сум видел и не можам да се сложам со тебе дека летувањето под шатор може да биде поубаво од летување во хотелски ресорт со пет ѕвездички, па не знам какво друштво да имам и колку и да се убави плажите и морето!“
И тука заврши муабетот...
Јас се повлеков заедно со сета моја аргументација, немав што повеќе да му кажам на малиот и кога малку размислив тој беше во право...
Зошто ви ја раскажав случкава и како таа е врзана со она што го пишав на почетокот на овој пост?
Па така што, импресиите од една туристичка дестинација највеќе зависат од тоа чиви се тие, односно кој ги доживеал, дали Малиот на Гзадата или Душан...
Така да, за да створите комплетна слика за некоја туристичка дестинација сепак е најдобро сами да ја посетите, а ако не сте во можност да го сторите тоа и мора да се информирате од туѓи импресии, тогаш барем информирајте се добро за човекот чии се импресиите.
Не знам зошто Ви ја раскажав приказнава, но ако не штети, си мислам, некому може и ќе покористи.

No comments:

Post a Comment