Saturday, April 12, 2014

НЕЌЕ КОЦКА ПОШТЕНОГ ЧОВЕКА

„Неќе коцка поштеног човека!“ - викаше другарми Мирсад звани Батко кога ќе седневме да играме „триесет и еден“ и ќе почнеше да губи.
Оваа негова (сега дали е баш негова не знам а не е ни битно) поговорка, ми има останато во сеќвање и секогаш ја врзувам со случки кога поштени и пристојни луѓе ќе пробаат еднаш во животот да направат некоја непоштена и непристојна работа и обично тоа завршува така што цел свет им се руши на глава.
Така и јас вчера...
Бевме со Госпожата до РАМСТОР и во маркетот пазаревме некој потребштини за по дома. Испазаривме и со количката ги донесовме потребштините до афтото. Додека ги стававме во гепек почна силно да дува и врне. Како афтото ни беше паркирано далеку од самиот влез на молот а надвор беше кијамет, Госпожата ми предложи количката да ја оставиме на паркингот кај што ни беше паркирана колата а не да ја враќам назад до маркетот како што обично правам. Малку се подумав и почнав да се противам на идеата арно-ама, кога видов дека насекаде низ паркингот имаше оставено колички од маркетот си реков ај и јас ќе ја оставам. Ама некое внатрешно „ѓаволче“ не ми даваше да ја оствам на самиот паркинг туку ја поткачив на тротоарот, демек да не им смета на другите посетители при паркирањето на нивните автомобили и тргнав да влегувам во кола. Во истиот момент толку силно дувна ветер што ја преврте мојата количка и од тротоарот ја фрли на сред коловозот, цела среќа во моментот не поминуваше ниту една кола па не направив некоја голема беља. Се погледнавме со Госпожата и почнавме да се смееме. „Неќе коцка поштеног човека!“
Не го бива вака Душане, си реков, ја земав количката и како многупати дотогаш ја однесов кај другите колички во маркетот.

No comments:

Post a Comment