Sunday, October 14, 2012

КОН ТРЕТО ПОЛУВРЕМЕ


Пред некоја вечер го гледав филмот на Дарко Митревски „ТРЕТО ПОЛУВРЕМЕ“.
Сакав да го гледам уште кога прв пат чув за него и тоа од неколку причини.
Прво, затоа што сакам филмови. Уште од малецок филмот и посебно киното како феномен, ме маѓепсаа и еве до ден денешен сеуште трае таа магија.
Второ, затоа што е домашен филм, а тие се толку ретки што, секој македонски љубител на филмот несмее да ги пропушти. Тоа ти е, како некој што собира сликички од некој албум, да не ја земе сликичката со бр.1 кога ќе му се пружи прилика.
Трето, затоа што уште не завршен, околу филмов се дигна таква прашина, наарочито од нашите „братувчеди“ од истокот, што живо ме интересираше што тоа Дарко раскажува со своето најново остварување а на Бугарите толку им пречи и ги боли.
Иако само првата причина беше доволна за да отидам на кино, вториве две дополнително ја зголемија мојата желба да го погледам  „ТРЕТО ПОЛУВРЕМЕ“.
И да не должам, еве ги подолу моите имшпресии по изгледување на филмот.
Веднаш да Ви кажам, мене филмот ме бендиса. Не ме остави без текст, ниту останав со подзината уста откако редарите ги запалија светлата во салата на Кино МИЛЕНИУМ, арно-ама, ме бендиса. И тоа ме бендиса не заради фактот што е наш, домашен, македонски филм, па ете сум локал патриота, туку филмот навистина вреди да се погледа.
Некој ќе речат лош обид европски режисер да направи холивудски филм.
Други, обид со малку пари да се направи комерцијален филм по холивудски терк (забранета љубов, троа солзи, две-три капки хумор и сето тоа зачинето со вечно актуелниот холокауст).
Трети пак, ќе речат дека бил копија и тоа демек полоша, на МОНТЕВИДЕО БОГ ТЕ ВИДЕО на српскиот режисер и актер, Драган Бјелогрлиќ. 
Јас велам, нема Европски, Холивудски или незнам какви режисери, има добри и лоши режисери, а Дарко, барем за мене, е добар режисер.
Ќе прашам, што има лошо од филмот да се заработи, односно да биде комерцијален!? Па нели Дарко и сите инволвирани во овој проект, терба да заработат некој денар, ако ништо друго, за да имаат за леб и млеко до следната шанса да снимат некој нов филм? Или луѓево мислат дека уметниците живеат од воздух и од љубовта кон уметноста.
Што се однесува до сличноста со МОНТЕВИДЕО, таа е само во две точки, фудбалот како игра, и приближно истиот период на случување на двете приказни, кое пак носи сличности во сценографијата и костимографијата, што е нормално и тука завршува секоја друга сличност на овие два филма, така да, закачката дека ТРЕТО ПОЛУВРЕМЕ е било каква копија на МОНТЕВИДЕО е смешна и малициозна.
Можел Дарко да направи и подобар „кастинг“ на глумци, факт..., нарочито за главните улоги.
Можел Дарко единствената љубовна сцена и поубаво да ја сними.....
Можел и локациски поубаво да го услика филмот
Можел Дарко и да не ги вика Раде Шербеџија и Мето Јовановски да му глумат во филмот ситни епизодни улоги. Но имиња како овие двајца ако ништо друго, му даваат специфична тежина на филмот, а на крајот на кариштата и подобро го продаваат, што нели, не е занемарлив факт, ако Дарко и продуцентите, сакаат да го продадат филмот и надвор од Македонија.
Можел, ама не направил.
Можеби Дарко намерно преку неколку сцени во филмот ( Пр. кога публиката на стадионот ја пее песната „МОРЕ СОКОЛ ПИЕ“) буди некој (негде овие денови прочитав) „ниски“ патриотски чувства. Па што дека иако е така, па во секој американски филм, тука вклучително и филмовите на нивните најпознати режисери се случува истата приказна.
Арно ама, тоа не ја намалила вредноста на филмот и приказнат - приказните, што ги раскажува истиот, до таа мера да се плука по него, во тоа сум сто на сто сигурен.
Што се однесува до „прашината“ што ја кренаа бугарските медии............, навистина не разбирам зошто. Бугарите во филмот се прикажани онакви какви биле и мислам дека Дарко не им доцртал дополнителни „рогови“, е сега ако нашите комшии вистината ги навредува, тогаш........., незнам што да кажам, освен, кој се лути нека му стои.
Ако им ја оправдаме лутината на Бугарите, тогаш и Србите ќе имаат право да се лутат за истите работи, затоа што, во првата половина на филмот, тие се „НЕГАТИВЦИТЕ“ во филмот.
И сега нема да седам и да Ви го раскажувам филмот, одете погледајте го. Ќе кажам само дека филмот во суштина е љубовна приказна сместена на нашиве простори во едно многу бурно време (малку пред почетокот и за време на втората светска војна) и колку што разбрав и прочитав, се заснова на две вистинити приказни, првата за едно еврејско девојче, Ребека Коен, кое потекнува од Скопје и е една од ретките македонски Евреи кој го преживеале холокаустот, а втората приказна е за еден фудбалски тим од Скопје наречен МАКЕДОНИЈА , кој го освојува првенството на тогашна Царска - фашистичка Бугарија.
Ако заради ништо друго, тогаш зарадио фактот што се работи за домашен филм, треба да го погледате филмот. На крајот на краиштата,филмот е гледлив и ако ништо друго е барем двапати подобар од мноштвото филмови што радо ги гледаме и прераскажуваме а се од странска продукција.
Толку од мене што се однесува до ТРЕТО ПОЛУВРЕМЕ.

No comments:

Post a Comment