Friday, January 31, 2014

Buena suerte, amigo, que Dios te acompañe!

Пред пола сааат у хотелче ми влегуе едно чиченце со црвен шушкавец на себе, стегнат у измастени фармечиња, и некој гојзерици на нозе и ми вика : buenos días señor!
Buenos dias, му викам јас.
Habla español?, ме прашува необичново старче.
No, му викам јас. English?!, па прашује старчето. Yes, му велам јас.
Yo un poco parla angles, ми вика старчето и ми се смешка низ пожолтените мустаќи.
Што со раце што со тоа троа англиски што го збори, ми објаснува зошто влегол во хотелчево и што му треба. На помош ми идат и оние десетина зборови шпански што ги имам научено од „КАСАНДРА“ на времето. Човек да се чуди што се нема да му се најде у животот....
Нејсе.........
Чичево, кое подоцна дознав, има 72 години, тргнало на пат околу светот со бицикло. Некаде во Италија му го крадат првиот точак но за среќа „кенгурчето“ со пасошот, парите и кредитните картички останува кај него. Дедето не му се сакалдисува многу за украдениот точак, оди во првиот точкарски дуќан, си пазари нов и си го продолжува патувањето низ Словенија, Хрватска и стига во Србија. Тука му се случува и вториот пех, повторно му го крадат точакот, арно-ама, пасошот и новчаникот повторно преживуваат, па чичето си пазари нов точак у Белград и продолжува према југ.
Некаде пред Ниш, Мотел НАИС заноќува и тука му се случува најголемиот пех. По трет пат му го крадат бициклото но овој пат му оди и новчаникот со сите пари и кредитни картички, единствено што му останува е пасошот.
Курата среќа, би рекол јас, би се изнервирал до зла бога и страшно би се замислил што и како ќе правам, веројатно и би се уплашил онака својски и веднаш би барал чаре да си се вратам дома најбрзо што можам.
Ама тоа јас..........., не ова чиче, високо метро и желба за растење, со црвен шушкавец, измастени фармерки и некој браон гојзерици, со брада бела како дедо Мраз, не тој!
Тој, опцул 2-3 пати (претпоставувам), и го продолжил своето патување велејќи „кар бо па бо“(пак предпоставувам), на шпански нормално, само што јас не научив од „КАСАНДРА“ како тоа се вика на шпански па го плеснав тука на словенечки.
И продолжило храброто старче пеш до Ниш.
Таму се запознал со извесен Светислав, кој откако ја чул приказната на старчево му подарил ново бицикло и 1000 српски динари и го направил своерачно, првиот внес во книгата за впечатоци која старчето ја отворило од тој ден во еден нотес кој го имал со себе.
Добриот Србин - Светислав пишал: „Помогнтете му на ова храбро старче, добри луѓе, да стигне до првата Шпанска Амбасада за да може да си го продолжи своето патување околу светот.“ Сето ова пишано на српски и на кирилица.
И тргнало старчето повторно на пат. За дивно чудо по патот еден куп добри луѓе, сите му помагале на храброто Шпанче. И секој му пишал по нешто во неговата книга на впечатоци. Дури некој попатни хотели и мотели кои го примиле на ноќевање, во книгата освен текстот ставиле и печат и потпис и му дале и нивна визитка.
To make a long story short, чичево така, со помошта на добрите луѓе кои ги среќавал попат, успеало да стигне до Скопје, каде се надевало дека ќе најде некој шпански конзулат или амбасада и ќе може преку нив да си среди со украдените кредитни картички за да може да си го продолжи патувањето.
Арно -ама, се испоставило дека среќата не му е баш прва другарка на старчево. Во Скопје Шпанија нема свое дипломатско претставништво. И, старчево, повторно во небрано.
Со бицикло, пасош, еден мал шатор а во голем град.... Некако му било шубе да постави шатор у парк и да преноќи, па трга по маливе хотелчиња низ градов да праша може ли да заноќи некаде гратис и така стига и до мене.
Откако му ја чув и прочитав приказната, да беше до мене, старчево ќе преспиеше и ќе се истушираше а и ќе к‘снеше нешто следното утро за појадок во хотелчево. Арно-ама, за жал, не е до мене. Да бев трета смена, ќе преспиеше тука на рецепција, ама не бев, па му дадов едно чајче и мапа на Скопје со обележани мали и поголеми хотели во градот и го испратив. Се надевам дека ќе се најде некој и во Скопје кој ќе му помогне, ако не повеќе, тогаш да ја прегрми ноќва на топло за утре одморен да тргне накај Тирана.
Го испратив ама еве ми остана во мислите.
Што човек треба да бидеш за да на 72 години  тргнеш да го обиколуваш светот на бицикло?
Цело време ми ѕвони низ главава.
Би можел ли јас некогаш да се одлучам на таков чекор? И кога сме веќе кај ова прашање, колкумина од Вас драги мои, би можеле да се осудат да тргнат на вакво патешествије?
Buena suerte, amigo, que Dios te acompañe!
 Не знам зошто Ви го раскажав ова, навистина не знам, ама ко што вика Лане Гутовиќ, ако не штети тоагш некому можеби ќе помогне.  

No comments:

Post a Comment