Thursday, January 2, 2014

ПОПОВА ШАПКА


Бев на Шапка пред некој ден, мислам дека и се пофалив со дузина фотки за тоа.
Не бев бил на Шапка не знам, можеби цели триесет години. Не сум скијач, не дека не сакам да скијам ами никогаш не сум имал доволно пари да си го дозволам тој прекрасен спорт, а снег и планина не ми недостасувале од проста причина што сум од Дуф, а Дуф , како впрочем и Шапка, се наоѓа на падините на нашата најголема планина - Шара, така да, како што реков, снег и планина не ми недостасуваа.
Нејсе, отидовме....... По пат си мислев кујзнае колку се променил нашиот најголем и веројатно најубав ски центар за овие триесет години, си мислев нема да го препознаам.
На мое големо чудење кога стигнавме горе, скоро ништо се немаше променето, барем не на подобро. Сеуште стоеа истите хотели изградени во дамнешно комунистичко време, само што сега беа стари и изветвени со пропаднати фасади и искршени прозорци. Тажна слика во една прекрасна природа. 
Снег имаше сосема доволно за скијање и останати зимски лудории но за жал ниту една жичара ниту ски-лифт не работеше. Скоро да немаше ни каде чајче да се напиеш, бидејќи единствени ресторани кои работеа беа ресторанот на Хотел СЛАВИЈА и ресторанчето во манастирскиот комплекс и ништо друго.
Во едниот имаше чај ама скоро да немаше кој да те послужи а во другиот обратно, едно две-три млади момчиња од петни жили се трудеа да ги послужат сите посетители арно ама им снема се, и чај и кафе и топло чоколадо и рум, им остана само Скопско Пиво.
И сега да се разбереме, не бев јас горе во некој бош ден, времето беше прекрасно, мирно, сончево, беше продолжен викенд и снег имаше во изобилство а и посетители не недостасуваа. Значи сите предуслови беа исполнети Шапка да функционира во полн капацитет а не како Врв Водно во сред недела по невреме.
Чудно...  Имав чувство дека надлежните, да не речам Власта, и Централна и Локална, како да дигнале раце од еден од првите а веројатно и најголемите ски-центри на Балканот. Немав, и сеште немам прества зошто? Цело време се прашував како Хрватска од едно смешно брдо како Сљеме покрај Загреб кое вистински снег гледа два дена во годината може да направи ски-центар на кој ќе се одржуваат трки од светскиот ски-куп, а нашата држава од Шапка не може да направи ниту едно пристојно место за рекреација на жителите на Куманово, Скопје, Тетово, Гостивар и да не редам, а не нешто повеќе.
Навистина размислував и сеуште размислувам, зошто на Шапка ситуацијата е таква каква што е, т.е. никаква. Единствено нешто што ми паѓа на памет е тоа дека ВМРО и ДУИ ја имаат веќе поделено Македонија на „НАША“ и „ВАША“ и едните не сакаат да удрат ниту една шајка на Шапка оти во таа поделба нели, Шапка припаѓа во „НИВНИОТ“ дел на Македонија а не во „НАШИОТ“, а другиве пак веројатно чекаат поделбата да си добие и писмена форма па потоа кога ќе имаат и официјална тапија за Шапка да почнат да градат. Дотогаш, драги мои, ако сте за снег и скијање, фаќајте Банско, Златибор или евентуално Пелистер, з’ш ако чекате на Шапка да се оправат работите ќе се изначекате......... Впрочем, има уште многу знајни и незнајни јунаци кои чекаат да им се излее некој милијонски споменик во бронза, а тие, за жал, имаат предност пред една планинска убавица каква што е ПОПОВА ШАПКА. 

No comments:

Post a Comment