Tuesday, February 21, 2012

ПО ТРАГИТЕ НА ДРАЧЕВСКИТЕ БОРЦИ НА ПИКОЛОМИНИ

Posted on September 29, 2008 - РЕПРИНТ

Постои едно предание или легенда која кружи помеѓу Драчевци, за некои од нив дури тоа е и историска вистина.
Кога викам Драчевци мислам на оние староседелци кои со векови наназад битисуваат на овие простори под Китка, а не на разните доселеници кои во поново време се имаат доселено во Драчево и околината.
Нејсе, за што всушност станува збор.
Познато е дека за време на Австриско – Турската војна кон крајот на 17-ти век на овие наши простори претстојувал заедно со својата војска и австрискиот Генерал Пиколомини. Повеќето од нас знаат доста за неговиот престој во Скопје и регионот од историските читанки, но тоа што не го знаеме големиот дел од нас, тука вклучувајќи ја и  мојата маленкост е врзано со погореспоменатото предание кое кружи помеѓу Драчевци.
Приказната оди вака, кога Пиколомини пристигнал во Скопската котлина со својата војска, голем дел од тогашното рисјанско население кое живеело во Драчево и околината се приклучило во редовите на неговата армија со цел активно да учествува во истерувањето на Турците од своите дедовски огништа. Но откако Австриската војска била поразена и почнала да се повлекува, Турците почнале да им се светата на Драчевци за нивната дрскост. За да се спасат себеси и своите семејства Драчевци биле приморани да побегнат високо во планините кои ги опкружуваат.
Така бегајќи пред турскиот аскер стигнале и се населиле на Салаковска Планина на местото наречено Салаковски Езера.
Месноста Салаковски Езера, која патем речено името го има добиено по двете мали прекрани планински езерца, се наоѓа на некои 2,5 часа пешачење северозападно од подножјето на Солунска Глава, поточно од местото викано Бегово Поле.
Приказната вели дека Драчевци предстојувале во тој планински предел кој е на некој 2300 метри надморска висина, цели стотина години, односно се додека Турците не го заборавиле нивниот ангажман во Австриско – Турската војна на страната на Австриците.
Е сега колку вистина има во оваа приказна јас незнам, можеби некој по упатен кој ќе го прочита овој мој текст ќе може да ни каже нешто повеќе околу сето тоа, но приказнава беше повод за еден прекрасно поминат викенд, и за запознавање на уште еден малку истражен дел на оваа наша прекрасна Македонија.
Како што некаде веќе по текстовиве сум спомнал, јас сум драчевски зет а баџото ми е по дедо – прадедо Драчевец.
На негова и на иницијатива на неговите другари, исто така родени драчевци, во саботата во шес часот науто од Драчево со две ЛАДИ НИВИ тргнавме да ги бараме огништата на ДРАЧЕВСКИТЕ БОРЦИ НА ПИКОЛОМИНИ.
Патот не водеше преку Долно и Горно Количани, Китка, Преслап, Мала Река се до Планинарскиот Дом на Караџица, каде беше планирано да ни биде базата од каде ќе тргаме кон нашата конечна цел а тоа беа Салаковските Езера. 


Пристигање во базата на Планинарскиот Дом КАРАЏИЦА, во сабота на 13.09.2008 година во 08-часот.


Првото утринско кафе и по некоја жта за пред пат на тераста на Планинарскиот Дом Карџица.


На БЕГОВО ПОЛЕ, со СОЛУНСКА ГЛАВА во позадина.


СОЛУНСКА ГЛАВА, една од Македонските планински убавици, сликана од Бегово Поле.


Случајна средба со екипа на Словачки спелеолози кои се враќаа од истражување, на како што рекоа досега најголемата откриена пештера во Европа, која се наоѓала некаде после Салаковските Езера. Многу пријатни и дружељубиви луѓе.


Групна фотка со дел од Словачката експедиција, за спомен и долго сеќавање.


Цела група на окупу, онака за дојам фотка, мислам уметнички де.


До тука со нашите ЛАДИ НИВИ, од тука ауто пешки. Не чека 2,5 часа пешачење во еден правец.

Пристигање на изворот на КАДИНА РЕКА.


На изворот на КАДИНА РЕКА.


Тешко за нозете, мака за градите ама убавина за душата. Храбро напред кон целта.


Салаковска Планина, 2360 метри надморска висина. Сосема блиску до целта, со Солунска Глава веќе далеку позади нас.


Малку одмор во заветот на карпите (ветерот страшно дуваше), пред финалното спуштање кон целта.


Конечно, нашата цел – Салаковските Езера долу пред нас, прекрасен поглед и неопишиво чувство на восхитеност.


Уште една панорамска фотка за спомен и долго сеќавање.


Покрај езерцата. Сите сетила се полни со впечатоци, на човек буквално не му се мрда од ова место, арно ама времето немисли така. Почнува дож и на наша голема жалост ќе мора да се пакуваме и да бегаме назад. Овде нема шега со временсските прилики.


Се враќаме назад кон нашите магариња на четри тркала, малку уморни ама полни со впечатоци.


Уште едно чудо на природата, живо блато на 2200 метри надморска висина.


ЈУРУКОВА КАРПА, доминира со околниот пејсаж и како да сака да не подсети дека природата може да биде и дива и недостапна за нас луѓето. Тука ги видовме и правите господари на оваа карпа, еден пар на белоглави орли кој надмоќно и со леснотија ја надлетуваа оваа огромна карпа, како да сакаа да ни кажат дека тие се господари на ова место а ние само случајни минувачи.


Повторно на изворот на Кадина река. Пауза за ручек. Ручекот, леб и паштета ама нам ни се чинеше дека јадеме пиле печено. Ќе да беше до уморот а и опкружувањето имаше влијание на вкусот. Нашиот богат ручек го заливме со студена вода директно од изворот на Кадина.



Повторно назад кај нашите магариња на четри тркала се пакуваме за назад. За крај едно Македонско машко оро ПАЛАНЕЧКА ТРОЈКА. Назад во домот на Караџица.

Повторно на терасата на планинарскиот дом Караџица, со кафенце и по некоја жта се сумираат впечатоците.




Малку спорт и рекреација додека ја чекаме вечерата.


А за вечера едно гуде печено, так нормално нели, мајсторски расчеречено од Газда Иве, а сето тоа залиено со бунар без дно направен по рецепт на Мајстор Бубе, а тука е и неизбежната песна, се разбира изворна македонска, така да расположение на највисоко можно ниво.


По бурниот и полн со возбудувања поминта ден и уште по бурната и добро залиена со бунар и жта вечер, време е за малку одмор. Утре не чека нов ден, старите викаат и нова нафака. Конфорот во ПЕШТЕРА (собат во која спиеме се вика така) не е нешто посебно, наликува на војничка спаваона, ама за 100 денари и неможеш да очекуваш повеќе од чиста постелнина и кревет.



Недела 14.09.2008. Не осамна дождливо и магливо утро кое ни го расипа планот за правење скара надвор, ама утринското кафе, ракиичка и салата легнаа баш онака потамански, таман да ни ја подобрат циркулацијата.


Нема скара ама има тава и тоа турли, со еден куп свинско месо и разно-разни зарзавати, комплимент од Мајстор Бубе, Фрау Инге и мојата маленкост.


Додека турлитавата се крчка во шпоретот на дрва ние уживаме во прекрасниот крајолик на кој маглата му дава една мистична нота.


И би ручек, и тоа каов ручек, прсти да полижеш што викав кумановци, а би и бунар без дно и по некоја песна, ама немаше расположение како вчера, веројатно сознанието дека се ближи времето за одење дома и напуштање на ова прекрасно место делуваше погубно по нашето расположение.


Живели за крај и ветување дека викендов ќе го повториме.


На крајот сме всушност на почетокот, во дворот на Сале, местото од каде и почна ова наше патешествие.
Прекрасен викенд, еден од најдобрите во мојот живот.
Иако не најдовме цврсти докази за легендава од постоф погоре сепак проводот беше луд и незаборавен, а легендата за ДРАЧЕВСКИТЕ БОРЦИ НА ПИКОЛОМИНИ ќе продолжи да живее во срцата на Драчевци а верувам и помеѓу Вас драги мои кои имавте доволно трпение да го пролистате овој мој пост.
Сите Вие што случајно или намерно ќе го прочитате овој пост а не сте биле на Салаковски Езера, Ви препорачувам обавезно да го сторите тоа, верувајте нема да зажалите.
Од мене толку, единствено ми остана да им заблагодарам на Драчевци, пред се на мојот Баџо Бубе кој ме повика на ова патување, а потоа и на сите останати од екипата: Сале, Зоки, Жаре, Влатче, Саше, Иве, Горан и секако и на најмладиот член на екипата, Никола синот на Влатче.
Благодарм момци од се срце.


No comments:

Post a Comment