Monday, February 20, 2012

ШТАФЕТАТА НА МЛАДОСТА

Posted on мај 25, 2007 - РЕПРИНТ

Утрово се разбудив во пет часот и петнаесет минути, да ти се плукнам на работата, сите си тераат мини одмор илимити продолжен викенд а јас ко несаглам станувам уште пред петлите за да одам на работа. Ама така ти е тоа кога работиш на смени па уште во Туризам и Угостителство, ти си на работа кога сите одмараат и обратно. Женами ме испрати со едно сонливо ЦМОК и убав ден, а попат и трипати ме опомена да не крцкам многу со вратите од плакарот додека си ја барав ветровката за да не ги разбудам децата. Сакав да опцујам ама се воздржав некако, зошто и онака само ме опоменува дека многу сум пцуел пред децата.
Нејсе се облеков, кснав малце си го јавнав точакот и правец на работа.
Гуслам така јас со точакот а околу мене живо пиле нема, градов го покрила некоја чудна тишина која делува некако застрашувачки пропратена со утринскава магла која натежнала над градот.
Стигнав на работа, се истуширав се дуздисав во униформа и се нацртав на работно место.
Таму колегата седнал пие кафе , чури тутун и  ме чека мене да го сменам.
Си турив и ја една кисела вода и седнав малку на цигара муабет.
Што датум е денеска?
Ме прашува колегата.
Мислам дека е 25-ти Мај, му викам.
А, бе денеска е ден на малдоста ми вика!?
Да бе види стварно, како се наредија работиве со ова новиве празници па дојде да го празнуваме (сосема случајно и несакајќи) роденденот на СТАРИОТ.
Нејсе ги исчуривме цигарите и колегата си отиде да спие дома а јас останав да си ја гуслам смената.
Нема работа и мисливе почнаа да ми скитаат на сите страни, продолжив да размислувам за муабетов околу 25-ти Мај и одеднаш почнаа да ми се редат слики на слетови, штафети, надежни омладинци и омладинки кој со КОЛГЕЈТ насмевка му ја предаваат штафетата на СТАРИОТ а тој нежно ги бакнува во зацрвенетите обравчиња.
Еден од тие омладинци (додуша не оној последниот кој требаше да ја предава штафетата, туку само еден од оние кој ја трчаа истата низ бившата ни држава) требаше една година да бидам и јас.
 СТАРИОТ веќе одамна беше БОГУ НА ИСПОВЕСТ ама типови како Азем Власи ја играа неговат улога, па така да караванот на штафетата  си продолжуваше да тече уште некое време по смртта на СТАРИОТ.
Незнам сега точно кој датум беше кога штафетата требаше да пројде низ Скопје а и нее битно, важно ден пред да се случи тоа ние што бевме одредени да ја носиме штафетата по часови требаше да се јавиме кај одговорниот профессор да ни даде инструкции која ќе биде нашата рута, како треба да бидеме облечени, во колку часот ќе се случува сето тоа и т.н., и т.н..
Сето тоа убаво, ама ко за беља истиот ден во кино играше МЕД МАКС со Мел Гибсон (првиот дел), а еден од другарите од друштвото кој дента имаше помалку часови отиде да купи карти за филмот а ние останатите имавме толку време само да ги оставиме ташните дома и  да се нацртаме пред кино некоја минута пред да почне филмот.
Така јас поради МЕД МАСКС не отидов на договорениот состанок воопшто не мислејќи какви несакани последици по мене ќе испаднат поради таа моја одлука.
Иако, морам да признаам, целло време ме јадеше некоја јанѕа.
Нејсе, бидна, го изгледав филмот и  така целиот под импресии од тоа што го видов на големото платно, сосема заборавив на грижите околу тоа што ќе се случи поради таа моја одлука да му дадам предност на МЕД МАКС пред ЧЕСТТА да се носи штафетата на младоста.
Арно ама последиците од таа моја избрзана младешка одлука уште утредента ме удрија по газот, да ми простате на изразот.
Штом стигнав на училиште, уште на првиот час ме повика класната и ми кажа инто да се јавам кај педагогот на информативен разговор.
Од лицето можев да и прочитам дека не ми се пишува добро а предпоставував и зошто ме викаат.
И така како усран голуб тргнав накај канцеларијата на педагогот.
Кога влегов во канцеларијата, таму веќе беа покрај педагогот и директорот на училиштето, уште еден мој школски другар кој ја имаше направено истата грешка како мене и уште еден средновечен човек кој не го познавав а за кој понатака се испостави дека е некој инспектор од полиција.
По куртуазното добро утро, веднаш почна рафално и  унакрсно испрашување од типот :
Како се викаш?
Во кој клас учиш?
Кај работи татко ти?
Дали е член на КПМ?
Кај беше вчера, зошто не дојде на информативниот состанок?
Зошто ја бојкотираше укажаната чест да ја носиш шатафетата?
Кој те наговори да го направиш тоа?
И се така некој за мене небулозни прашања на кој со треперлив глас и зацрвенети како крв образи, се обидував да одговорам.
Поради тоа што дома ме воспитуваа секогаш да ја кажувам вистината, без разлика што ќе ми донесе тоа, јас не ни помислив да излажам за причината поради која не се појавив да ја носам штафетата.
Кога реков дека сум го пропуштил состанокот поради тоа што отидов на кино да го гледам МЕД МАКС, педагогот која беше една ситна женичка, подскокна од столот,  за момент помислив дека стана да ме натепа, и почна како хистерична да вика по мене, како јас сум бил олош, кој не ги почитува најсветите нешта на својата татковина и кој е спремен заради еден петпарачки и пропагандистички Американски (филмот е Австралиски) филм да се откаже од честта да ја носи штафетата на младоста.
Во тој момент ми беше толку тешко што почнаа солзи да ми навираат на очите и мислам дека ќе се расплачев доколку во истиот момент во канцеларијата не влезе мојата класна, која инаку беше професорка по македонски и една млада и прекрасна жена која многу ме сакаше и ценеше како ученик.
Таа веднаш почна да ја смирува ситуацијата и кога ме виде како изгледам, почна да ме правда пред присутните.
Да не должам многу, после уште половина час испрашување и држење на морално политички час од страна на педагогот и директорот, ми беше дозволено да се вратам во класот со напомена дека казната која неминовно ќе следи ќе ми ја соопшти мојот класен раководител.
Така и бидна, класната ме информираше дека поведението ми е намалено на единица, но со мајчинска топлина во гласот  ми рече да не се грижам многу околу тоа туку да продолжам да учам како што сум учел до тогаш, а за се останато таа ќе се погрижела.
И навистина и се погрижи, на крајот на годината кој беше сосема близу, успеа да ми го поправи поведението од недоволен во добар, а јас и бев бескрајно благодарен за тоа, а пред се за разбирањето што го покажа кон мене и мојата младост и што во ниеден момент не се посомнева дека причината за мојата грешка не е ништо друго туку младешка поточно детска непромисленост и дека позади тоа не стои никаква завера како што имплицираа педагогот и директорот.
Благодарам ЕМА!
Незнам зошто ја раскажав оваа случка, но како што вика Лане Гутовиќ, ако не штети тогаш сигурно ќе да е за арно.

No comments:

Post a Comment