Monday, February 20, 2012

ОСВЕТУВАЊЕ ЦРКВА

Posted on август 13, 2009 - РЕПРИНТ

На 09-ти август на Св.Пантелемон се освети црквата Св. Варвара во село Дуф – Гостиварско.
 
Дуф е инаку палнинско село од растурен тип со пет маала: Тољане; Брезовец; Чеане; Јерќевиш и Балабон, кое се протега на последните обронци на Шар Планина и тоа во еден лак од над извориштето на Вардар- Вруток, па се до подножјето на Бунец.
Дуф географски припаѓа на Пологот но етнографски и во секој друг поглед Дуф припаѓа и секогаш припаѓал кон регионот Горна Река.
Дуф веќе две децении е мртво село, во него веќе никој постојано не живее, односно нема човек чија адреса е С. Дуф. Дуфчани во своето село доаѓаат само за викенди, верски и државни празници (како Водици) и за време на нивните годишни одмори.
Ова е и секогаш бил печалбарски крај така да уште од дамнешни времиња Дуфчани оделе на печалба во околните Балкански земји, Србија; Бугарија; Турција; Романија и др. но и во многу подалечните како Русија и Америка барајќи ја својата среќа и подобар живот за своите најблиски. Дуфчани инаку во светот се познати како многу добри Кораџии и Фурнаџии но и угостители и слаткари. Мојата фамилија например, поточно мојот прадедо Вељан, заедно со неговите браќа држеле неколку ресторани, коцкарници и јавни куќи во тогашна Ектеринаслава, денешен Дњепопетровск, во тогашна Царска Русија а денешна Украина. Вељан никогаш и не се вратил, умрел и закопан е таму, на градските гробишта во Дњепопетровск, а сиот имот кој го имале освен малку пари и злато им го заплениле Бољшевиците по Октомвриската Револуција. Ваква или слична приказна носи секоја една фамилија во Дуф. И ден денеска Дуфчани ги има насекаде низ светот а за регионов и да не збориме, ги има скоро во секој поголем град.
Во своите најдобри времиња селото Дуф броело околу 200 куќи а само маалото Тољане од каде потекнувам и јас некаде околу пеесетина куќи. Денеска од сите тие силни куќи во Тољане, сочувани се само две кој се преку сто години страри, нашата ( на фамилија Стефановски, на која иако далечната 1967 година и се има срушено вториот спрат) е по сочувана и онаа на фамилија Зоксимовски која за жал е во многу лоша состијба и која е пред уривање. Овие две куќи за времето во кое биле градени биле велелепни зданија од камен, а верувам дека и за денешно време би било предизвик да се изградат. Со нивните 120 см. дебели камени ѕидови, со нивните мали и вовлечени прозори, со пушкарниците наликуваат на мали тврдини. И ентериерот на овие куќи не е ништо помалку импресивен, со своите долапи, параклиси (место каде во куќата се чувале иконат на светецот заштотник и кандилото) со невестинските ковчези, со амбарите за жито и брашно. Но за жал овие две куќи се единствени кој го преживеале забот на времето и сведочат за еден поинаков Дуф, останатите куќи се обично викендици кој Дуфчани ги имаат изградено во поново време на местата на нивните паднати стари куќи.
Во Дуф, поради фактот дека поголемиот дел од населението било а и сега е (иако не живее во Дуф) христијанско, во секое маало имало по една црква. Денеска не е така, во Балабон и Чеане веќе нема цркви, урнати се и нема изградено нови. Во Брезовец е најстарат сеуште неурната црква која датира од крајот на четрнаести и почетокот на петнаести век, во Јерќевиш е најголемата и најубава цркава во Дуф а во Тољане е најновата.
Црквата во Тољане почнала да се гради во средината на прошлото столетие кога селото веќе било осиромашено и на одумирање и се градеше до денешни денови. Ја граделе селаните од свои средства и донации и после повеќе децениско градење успеаа да ја изградат и на девети овој месец на празникот Св. Пантелемон Црквата Св. Варвара се освети.
Оваа црква иако не осветена, селаните ја користеа за своите верски потреби и се собираа во и околу неа на големите верски празници како ВОДИЦИ на пример, за кој празник ќе напишам и посебен пост, затоа што мислам дека е една од нишките која Дуфчани секогаш ги држела поврзани со селото без разлика колку и да се далеку од него, за Водици голем дел од Дуфчани доаѓале и сеуште доаѓаат на своите дедовски огништа.
Свечениот чин на осветувањето на селската Црква Св. Варвара, помина прекрасно. Се собраа голем број Дуфчани да присуствуваат на овој прекрасен чин кој всушност како да го возобновува селото, како да сака да го оживее повторно. Грмнаа тапаните и зурлите, нивните звуци ги вратија постарите во едни други, далечни времиња, во еден друг Дуф. Ги вратиа во Дуф во кој како впроченм  низ цела Река и Мијачијата, налето околу Петровден се женело и се мажело, каде одзвонувале околните палнини од звуците на зурлата и тапанот на тајфата на Миљаим и другите. Мене ме вратиа триесет години наназад, на последните селски свадби на Симе и Дилберка на Јаќим и ……, на кој за последен пат во Тољане свиреа тапани на нечија свадба, а и кај помладите дури и кај тие најмалите како моите тригодишни ќерки, кој во себе носат Дуфска крв, како да им будеше некое одамна заспано и скриено чувство на припадност на ова парче земја на овие планини, им се гледаше тоа во нивните очи.
Убаво се забавуваа и бројните гости, поточно роднини и пријатели на Дуфчани од местата од кај што живеаат сега. А ние како добри домаќини се трудевме најдобро што можеме и умееме предстојот да им го направиме незаборавен. Се трудевме Дуф да им украде парче од срцето и секогаш да ги зароби за да му се враќаат. Ако успеавме во нашата намера барем кај еден од нашите гости (а јас мислам дека успеавме кај сите нив), тоа ќе биде огромен успех и радост за нас, затоа што со самиот факт дека некого сме заинтерсирале пофторно да се врати и да го посети Дуф сме направиле еден голем себап.
А за Вас драги мои блог пријатели, за да Ви го илустрирам сето ова што погоре Ви го објаснував во текстов ќе Ви постирам неколку фотки од денот на светењето на Црквата Св. Вравара во Тољане село Дуф и ако со текстов и со фотките Ве заинтригирам и Ве намамам да дојдете некогаш во Дуф и зошто да не, да ми бидете и мои гости, јас ќе бидам пресреќен
Поздрав.   




 
 
 








 





































No comments:

Post a Comment