Saturday, March 3, 2012

ПРИЈАТЕЛСТВО


Пријател...........
Пријателство............
Некој велат дека правите пријатели се стекнуваат во детството или најдоцна во тинејџерските денови, кога човечката душа е сеуште чиста и не корумпирана од животот и предизвиците што тој ги носи сосебе.
Мажите често знаат да кажат (ова за оние кои служеле војска), дека право и искрено другарство - пријателство се доживува само во војска.
Незнам..........
На прва топка, без многу размислување, склон сум да се сложам и со двете мислења.
Не заради друго, ами, кога ќе прочепкам низ сеќавањата од минатаото, ми навираат спомени на прекрасни пријателства од детството, а поради тоа што служев ЈНА, се сеќавам и на исти такви ако не и уште појаки спомени за незаборавни пријателства од таа година дена помината во SMB униформа.
Но кога ќе размислам подобро, повеќето од нив, ако не и сите, веќе не се тоа.....
Пријатели мислам....
Ами само убави спомени на едно одамна минато време.
Повеќето од тие луѓе кој некогаш ми значеле повеќе и од најродените, не сум ги видел со години. Незнам ако денес некаде ги сретнам, ќе ги препознаам ли воопшто?
До неодамна веќе се имав и помирено со мислата дека повеќето од нив, без разлика колу ми значеле во некој период од мојот живот, веќе никогаш нема да ги сретанам, а камоли да скршиме кафе муабет.
Но, се случија социјалните мрежи, поконкретно FACEBOOK-кот.
И одеднаш, старите и веќе закопани надежи за повторна дружба со пријателите од детството, од училиште, од ЈНА, како повторно да испливаа на површина.Заживеаа во мене толку силно, што станаа главен мотив кој ме тераше да го совладувам facebook-от и начините за негово користење.
И глеј чудо, тие, моите пријатели, барем поголемиот дел од нив, навистина беа таму, мислам на екранот.
Доволно беше да се напише нивното име и презиме и facebook ги пронаоѓаше за мене.
Прекрасно чувство.........
Повторно да се сретнеш, макар и виртуелно, со другарите.
Да промуабетиш.
А на муабетите им нема крај.
Незнаеш што попрво, да евоцираш спомени или да си раскажеш се што ти (ни) се случувало од последното наше видување.
И така, што повеќе пријатели facebook, пронаоѓаше за мене, така во мене се создаваше чувство дека се обновуваат старите пријателства и се зацврстуваше мислењето дека вистинските пријатели и пријателства кои се создавале додека сум бил дете, биле толку силни, што всушност никогаш не згаснале, ами за цело време тлееле и само чекале некое поволно ветерче повторно да ги распали.
И се така до едно утро кога, како впрочем и скоро секое друго утро се логирав на facebook.
Гледам тоа икончето за Friend Requests ме известува дека некој го прифатил моето барање за дружба. Се израдував кога видов дека тоа е една моја другарка од средно со која на времето ептен дружевме и бевме блиски а која одамна, мислам од утрото по матурата, ја небев видел ниту чул. Едноставно ни се разидоа патиштата и никогаш веќе не се сретнавме.
После ова утро, секогаш кога ќе се приклучев на facebook, гледав да ја начекам online и да си направиме муабет.
Едно утро се случи и тоа...
Ја гледам мојата другарка online и веднаш почнав да и муабетам. Но, за жал, од муабетот се испостави дека тоа не е мојата школска ами некоја друга девојка, со исто име и презиме, од Вараждин, Хрватска.
Нејсе, бидна, се запознавме со девојчево. Се испостави дека е бајаги помлада од мене, 15-ина години и дека никогаш небила во Македонија.
Но сознанието дека имаат исто име и презиме со мојата школска и дека тоа не е некое вообичаено име како Александра Тодоровска пр., а и фактот дека таткои на школската беше од Хрватска и тоа баш од тој дел околу Вараждин, го отера муабетот со девојчево дотаму, што она дента се распрашала по нејзините да не случајно имаат роднини во Македонија и дознала работи кои утре дента, кога повторно се сретнавме на facebook, ми ги раскажа.
Имено, се испостави дека, не само што имала роднини во Македонија, туку испадна дека мојата школска и е роднина.
Што ти се вика да е мал светот!
А!? Што велите на ова?
Ми раскажа, дека мојата школска се омажила и дека го сменила своето презиме.
Дека родила две деца и дека едното и починало на 10 годишна возраст од некоја врста на акутна леукемија и дека во моментов школската со вторто детенце, кое имало осум години, била во Германија на лекување, поради тоа што и оно боледувало од истата болест.
Од убава, поубава вест...........
Сто пати се покајав што воопшто ја побарав по нетов.......
Нејсе, бидна...........
Од тоа утро немаше ден да не помислам на школската и нејзината трагедија.
Се чувствував беспомошно.
Си велев,
Каков другар си ти кога неможеш да и помогнеш на другаркати кога и е најтешко?
Се молев барем второво детенце да и оздрави.
Една вечер гледајќи телевизија на екранот во паузата за реклами, читам известување (иако скоро никогаш не ги читам ваквите известувања, не за друго, ами после тоа ми е мака од сознанието дека неможам ништо да сторам за да им помогнам на тие луѓе) во кое некој родители бараат парична помош за лекување на нивното осумгодишно дете кое боледува од некоја врста на леукемија и на кого итно треба да му се изврши трансплантација на коскена срж во Германија.
Во моментот додека го читам известувањето ми станува јасно дека се работи за детето на мојата школска.
Просто неможев да  поверувам што се’ се  случува.
Не помина многу време, девојката од Хрватска со исто име како мојата школска, ме извести дека за жал, детето на мојата другарка ја изгубило битката со болеста. Не успеале навреме да соберат доволно пари за да се направи операцијата која би го спасила детенцето.
Оваа вест просто ме обори, неможев да се соземам со денови.
Чусвството дека моја блиска другарка, иако се немаме видено скоро четврт век, го изгубила своето чедо, не ме напушта ни ден-денеска.
Има нешто во тоа вистинско пријателство, во тоа искрено другарство, меѓу двајца луѓе. Нарочито во она стекнато во детството, што без разлика на километрите и годините кои се исправаат помеѓу вистинските другари, го одржува живо.


No comments:

Post a Comment