Thursday, March 1, 2012

ГРУЈО, БЛАГОДАРАМ ШТО МЕ ЗЕЗНА ЗА ПАСОШИ!

Posted on September 4, 2010 - РЕПРИНТ

ПОДНАСЛОВ: УБАВИНИТЕ НА ПРЕСПАНСКО ЕЗЕРО – Летување во Стење.
Еве помина и летово, дојде први септември, децава тргнаа на училиште и сите полека се враќаме на нормален колосек и ги сумираме впечатоците од летото што пројде и од нашите годишни одмори.
Па така еве решив и јас да ги споделам со вас моите впечатоци од годинешново летување.
Елем, некаде на почетокот на март месец оваа година решив да се јавам во МеВеРето и да аплицирам за пасоши за женатами и двете близначки бидејќи во јуни им истекуваше важноста на нивните пасоши, за да можеме и ова лето да ги однесеме близначкиве некаде да подишат троа морски воздух и да се пробањаат во солена вода.
Арно ама, како што и претпоставував, тоа испадна мишн инпосибл, бидејќи девојчето од кол центарот на МВР ми закажа сликање за шести јуни 2011 година.
Ај наздравје бричење.
Година и три месеци за да извадиш МК пасош.
Прво што направив, кога ја спуштив слушалката, ја испопцув женами, бидејќи кога во октомври 2009 година закажував сликање за лични карти и реков да закажам и за пасоши, таа рече немој, рано е, немаме сега пари ај остај за на пролет. Е остај де, ама во некоја друга „нормална“ држава, а не кај нас, кај нас вреди она старинското, „што можеш денеска не оставај за утре“.
И така и велам јас, некаде помеѓу две пцовки, сега ти да му ја мислиш каде на летување.
По женами втор на список ми беше ГРУЈО, и него го направив парам-парче од пцуење, сигурно му гореле ушите една недела.
Е сега незнам дали баш Грујо е виновен што за да дојдеш до МК пасош ти треба годинаипол, ама така е тоа, не е лесно да си Кмет, цело село ќе те пцуе, викаше покојна баба Флорика.
Нејсе бидна.
Дојде и летото.
Почнавме да размислуваме каде да одиме троа на вода со децава, да попливаат малку, а и ние да се тргнеме  од скопскиов асфалт.
Прва солуција беше Охрид.
Женатами по мајка е од Коњско – Охридско, па реков ај троа ќе ги посетиме Коштанци.
Арно ама женами почна да ме одговара од таа идеа со образложение дека плажите во Охрид и не се баш за ситни деца, нема песок, па така цело време на плажа наместо да се одмараш ќе треба да ги анимираш клинките, а кој има четригодишни близначки знае дека тоа воопшто не е лесна задача, туку баш напротив, што би рекле браќа Амери, тоа ти е „фул тајм џоб“.
И така после долго разматрање на „безброј“ опции што ги нуди земјава за одмор покрај некоја поголема вода, одлуката падна на Преспанско Езеро и Стење.
На Преспанско уште како ерген бев летувал две години во Асамати и немав баш некој убави искуства, еднаш за малку ќе му зачукав на врата и на Дедо Петар, ама тоа е друга приказна. Лошите искуства воглавно ми беа врзани со водата за пиење, миење, туширање и т.н., или поконкретно, во поголемиот дел на денот а богами и ноќта, вода во Асамати па и во околните летуавлишта можеше да се најде само во езерото и никаде на друго место, така да кога „ЌЕ ТЕ УХВАТЕШЕ ЗОРТ“, што би рекол Тавче, беше сналазисе како знаш и умеш.
Е сега, кога си сам и млад, целиот тој проблем со водата некако полесно го прегрмуваш, арно ама кога имаш две мали деца со себе и четри банки во газот, што би рекле Прилепчани, е тогаш тоа е сериозен проблем.
Затоа кога појдовме за Стење, морам да признаам, тргнав со бајаги сомнеж дека ќе го биде некој саглам одмор и за цела среќа се излажав и тоа дебело.
Е за тоа баш и сакам да Ви раскажам во постов, а и да Ви илустрирам троа, да не речете човеков лаже.
Па да почнеме.
Селото Стење е сместено под планината Галичица на западниот брег  на Преспенско Езеро и е последното населено место пред македонско – албанската граница. Инаку е мало селце со тристотина стални жители кој воглавном се занимаваат со овоштарство, рибарење, земјоделие и сезонски, преку летните месеци, со туризам.

ЦРКВАТА НА СРЕДСЕЛО ВО СТЕЊЕ


Уличка во Стење.


ЕДИНСТВЕНИОТ ХОТЕЛ ВО СТЕЊЕ - убаво мало објектче на сама плажа
Има прекрасна голема плажа, прекриена со убава ситна песок, за тие што сакаат песочни плажи е вистински рај.





ГЛИСЕР


Ова колку да Ви илустрирам за што зборувам.
Инаку во Стење тргнавме онака, што се вика на слепо, без предходно да знаеме кај ќе се сместиме мислејќи дека кога ќе стасаме таму лесно ќе најдеме смештај.
Арно ама се испостави дека не е баш така. И да небеше Аце, кој инаку е мештанец и му е школски на баџото со кого инаку заедно ова лето летувавме, тешко ќе најдевме смештај, од проста причина што скоро сите селани што издаваа соби веќе имаа гости и скоро се што ималку вредеше како смештај беше полно или резервирано.
Нејсе по два часа лутање низ Стење конечно се сместивме кај Газда Цапе, кого моравме да го посетиме на работа во оближната текстилна фабрика затоа што мајкаму, една стара бабичка, небеше сигурна дека двете соби во кој немаше гости, Газда Цапе ги немаше веќе таксано за некого.
Цела среќа што децата и жените за овие два часа не беа со нас туку си кулираа на плажата.
Сместувањето небеше ништо посебно, но небеше ниту лошо, две соби со заедничко купатило, голема, добро опремена кујна и големо дворче со убава дебела сенка која ја праеше една стара лозница. Сето тоа не чинеше 1.000,00 денари од ден, што за сместување на две фамилии, мора да признаете, воопшто не е скапо дури и за сиротиња како нас.
Одморот конечно можеше да почне, а и вода течеше низ водоводните цевки и тоа за дивно чудо по цел ден.
Се сместивме троа, земавме пљачките и правац плажа. Тамам се опуштивме кога ете се вдадоа некој облаци од над Галичица и почна да врне. Ебати ксметот си реков сам во себе, прв ден и одма дожд.
Се прибравме дома и малку одморивме од патот. По одморот се мислевме што да праиме кога налета Газда Цапе од работа.
Ни предложи да отидеме до изворот кој се наоѓа на почетокот на патот за Село Лескоец на некој 3-4 километри од Стење.
Како немавме попаметна работа а на плажа веќе не ни се одеше, иако дождот престана, запаливме колите и правац извор на патот за Село Лескоец. Кога стигнавме таму има што да се види, тоа не извор, ами мислиш Вардар извира. Прво што ми падна на памет кога го видов изворот е како покрај сета оваа вода Стење кубури со вода за пиење, ама Македонија и се е можно.


ИЗВОРОТ - водата просто вриеше од земјата.


ИЗВОРОТ - водата си истекува додека Стење е жедно.

ЧЕШМА НА ИЗВОРОТ
Селаните од лескоец направиле и убава чешма на самиот извор за да може секој намерник да седне и да се освежи со буквално ледената (водата немаше повеќе од 4-5 степени) и бистра вода.
Откако отпочинавме малку покрај изворот и се изнапивме од водата што душа лечи, решивме кога сме веќе тука да тркнеме и до Село Лескоец кое е сместено во пазувите на Галичица над Преспанското Езеро.
И не згрешивме.
Еве и зошто.


ЦРКВАТА СВЕТИ НИКОЛА ВО ЛЕСКОЕЦ


ИЗГРАДЕНА 1892 год.


ГАЛИЧИЦА НАД ЛЕСКОЕЦ


ПРЕСПАНСКО ЕЗЕРО - Гледано од Лескоец


Овде и боцките се убави - МАГАРЕШКИ ТРН
Со Галичица позади себе и Преспанско Езеро пред себе, Лескоец ја има една од најубавите местоположби што јас сум ги видел во Македонија. Погледот на езерото од тука е восхитувачки, воздухот е како мелем за градите а зеленилото на Галичица со сиот тој опојен мирис е нешто нестварно. Инстант се заљубив во местово и си реков дека ако еден ден бидам во можност да направам две собчиња тоа секако би го направил тука.
Се стемни и полека се вративме во Стење, полни со впечатоци кој долго во ноќта не ми дадоа да заспијам.
И дождот беше со причина.
Утредента осамна прекрасно утро. Станав уште во шес часот. Сите спиеа како заклани. Земав апаратот и му ја опраив на плажа да си попливам малку додека нема никој, онака на раат, мераклиски.


 Ме дочека сонцето кое како да извираше од позади Пелистер.




Ме дочекаа и јатото галеби како и два пара на пеликани кој безгрижно се шетаа по езерската шир.
Прекрасна слика, бев маѓепсан.
Оваа слика се повторуваше секое наредно утро.
По утринското капење, назад дома, спремав кафе, чај , како, млеко, секому по желба, ги будев сите и додека се пиеше утринското кафе и по една ракиичка за циркулација, жените спремаа крканција за на плажа и тргавме.

Утринско кафе и малку сладолед


Двете сетри спремаат сендвичи за на плажа
А на плажа во елемент и нај радосни беа баш децата, на играта и капењето им немаше крај.






БАЏАНАКОТ И БАЛДЗАТА СО НИВНАТА ПОСТАРА ЌЕРКА КУЛИРААТ НА ПЛАЖА


СИМОНА
Дада Мона, тинејџерка, малку се досадуваше, сепак Стење не е место за тинејџери, нема баш многу забава за нив.



БЛИЗНАЧКИТЕ ВО ЕЛЕМЕНТ - се изнаиграа во песокта


ЈАНА ПОЗИРА - наоѓаше време и за тоа помеѓу правењето на два замока од песок


Госпожата едвај ги домолуваше децата да си одиме од плажа
И се така, игри без граници и уживанција до бесвест се додека не зајдеше сонцето позади Галичица.


Одмор од соништата, за секој еден што несака гужви галами, пренатрупани плажи.
Едноставно…….., езеро, песочна плажа, палнина.
Или просто речено, само со два збора, МИР и ТИШИНА.
Еден ден Аце, школскиот на Баџото, не поведе со кајчето на мала прошетка по езерото.
Прво не однесе до една дива плажа наречена ЛИСА, која името го добила, барем по преданието, по кобилата на Цар Самоил која се викала Лиса и која, ни раскажа Аце, го пренела ранетиот Цар преку езерото, од Претор до тоа место и затоа таа плажа се викала ЛИСА.
Инаку тоа е една прекрасна дива плажа, на која освен некој залутан рибар нема капачи. Со дебели букови сенки и ситен чакал.
Во непосредна близина на плажата се наоѓа и Манастирот Свети Илија, со стара манастирска црква, сега се градеа и конаци.
И ај да не Ви опишувам нјубаво ќе биде да Ви илустрирам.


СВЕТА ПЕТКА - пештерска црква на пола пат помеѓу Стење и ЛИСА


АЦЕ - оној од левата страна на фоткат, „виновникот“ за прекрасниот ден.



ВОДАТА КАЈ ЛИСА
ЛИСА - гледана од Св. Илија


КАЈЧЕТО НА АЦЕ


МАНАСТИРОТ СВЕТИ ИЛИЈА



ФРЕСКА ВО МАНАСТИРСКАТА ЦРКВА


ПОГЛЕД ОД МАНАСТИРСКИОТ ДВОР КОН ЕЗЕРОТО


УЖИВАЊЕ НА ЛИСА



Направивме скара, мавнавме по некое пивце, се избањавме во кристално чистите води на Езерото и продолживме накај Преспанско Коњско и накај островот на змиите или ГОЛЕМ ГРАД.


ГОЛЕМ ГРАД - ОСТРОВОТ НА ЗМИИТЕ


АЦЕ УПРАВУВА СО КАЈЧЕТО


ЈАС И МОИТЕ УЖИВАМЕ ВО ПРОШЕТКАТА СО КАЈЧЕТО

КОЊСКО - ПЛАЖА
И се така, убавина до убавина цели седум незаборавни денови.
Ако и после овој пост сеуште Ви треба убедување да одите и да го посетите Стење и цела Преспа всушност, тогаш…………., навистина незнам што да Ви кажам.
Стење им го препорачувам на сите оние родители со мали деца кои за мали пари сакаат да си поминат незаборавен одмор. Исто така им го препорачувам и на луѓе кои сакаат активен одмор, езеро искомбинирано со планинарење, риболов , воопшто на сите љубители на убавата природа, моја препорака е воопшто не се мислете за следната дестинација на Вашиот одмор, викенд , слободни денови или што и да е, да го изберете СТЕЊЕ!
На враќање накај дома поминавме и во село Сарандиново, кое се наоѓа на патот помеѓу Прилеп и Македонски Брод, да ги посетиме роднините на лепшите половини, овие се од на такоим страната, да нема забуна.
Еве неколку фотки и од Сарандиново.


БАЖЕ ЈАВА ОВЕН


На близначките јагнињата им го свртеа вниманието.


А мене тутунот кој се златееше на силното августовско сонце.
И тука си поминавме прекрасно.
Домаќините во наша чест заклале јагне и го спремиле под вршник, беше толку вкусно што и сега, додека го пишувам ова  ми навира плунка во устата.
Ете тоа во кратки или долги, црти беше моето летувње оваа година, на кое сепак морам да им заблагодарам на ГРУЈО и неговата неажурна служба за издавање лични документи.
Поздрав до сите и уште еднаш да Ве подсетам, обавезно посететего СТЕЊЕ, пријатно ќе се изненадите.

No comments:

Post a Comment