Thursday, March 1, 2012

СЕ ОТУЃИВМЕ

Posted on January 31, 2010 - РЕПРИНТ

Се отуѓивме…………………………..
Тргна на лошо последниве четриесетина дена……….
Навистина лошо, три смртни случаи во фамилија за нецели четриесет дена и тоа се блиски луѓе.
Што е многу, многу е!
Прв „отиде“ Течо Пајо, бог да му душа прости.
Човек- ипол, ма што човек-ипол, ЧОВЕЧИШТЕ, со срце како планина, доволно големо да прибере секого во неговите пазуви, од најроден до случаен минувач.
Не успеав да му отидам на погреб, да го испратам за последен пат, бев на работа, но моите беа…….
Не поминаа две недели почина и чичко ми Саранде.
Намачена душа, се спаси. Многу го мачеше болеста, цела година не можеше да стане од кревет.
А мачен и тежок му беше и животот, да не раскажувам, не заради друго, туку не Ве засега тоа Вас.
И кај него не бев на погреб. И него заради работава не успеав да го испратам………..
Моите беа до Гостивар го испратија.
Кога го закопувале, ми кажа старата, се отворило небото, еден дожд…………, мислиш некој одозгора плачел по неговата мачна судба. И толку……….., штом гробарите ја фрлиле последната лопата земја, престанало, исто онака како што и почнало, нагло без никаква најава. Чудна некоја сличност помеѓу врнежот и искрениот плач………., без најава и поројно.
Како што реков веќе, не бев и на двата погреба, но моите ми рекоа дека многу луѓе дошле да ги испратат за последен пат и едниот и другиот покојник. Ги слушав коментарите на мајка ми, онака, скришум одстрана, додека по погребите разговараа со стариот.
Се отуѓивме викаше таа……….., кога дојде време да се гледаме само на умирачки, се отуѓивме……………
Слушав и не бев на чисто ја разбирам ли јас што точно му збори на стариот, кој само клатеше со главата и викаше, „ахм, да, во право си“, се отуѓивме.
Пред десет дена почина и чичко ми Мартин, ненадејно, барем за мене, зошто го паметам како слабичок но витален човек, вечито со немирен дух, како во малдоста така и на стари години.
Муабетџија, атерџија, сите ги знеше и сите него го познаваа.
Мартин кораџијата, влезе и во песна на една Хип-Хоп група од Белград, бог да му душу прости.
Ми велеше:
Внучко, чичко ти секој ден вртејќисе околу кораџискиот чаршаф поминува километража како од Белград до Ниш.
И навистина поминуваше……….
Овојпат се погодив да бидам слободен и заедно со стариот и уште десетина други роднини со „ГАЛЕБ“ – Охрид, заминавме на погреб во Белград.
Стигнавме рано наутро, пред зори.
Мачна атмосфера, плач………….
Тетка ми Боса највеќе палче, пред месец дена го закопа мажот а за нецел месец и починаа два брата и двата помлади од неа. Незнам колку и е тешко, неможам ни да претпоставам, само солзи сами ми течат и во моментот не знам дали плачам за Мартин или…………..
Го слушам Војо, најмладиот син на тетка ми, „Доста Босо, потивко, рано е , ќе ги вознемириш комшиите!“
Но неможе сиротата, не може да престане да тажи, претпоставувам ја боли страшно…….
Палиме сите по една свеќа и секој фаќа по некој ќош, секој се повлекува во себе, молчи……..
Но молкот не трае долго. Колку и да боли, мртвите за мртвите, живите за живите, што викаше баба ми.
Полека почнуваат да муабетат меѓу себе.
Луѓе блиски, ама баш блиски по род и крв, а не се виделе годиништа, не скршиле два збора.
И повторно го слушам истиот коментар, СЕ ОТУЃИВМЕ, штом само за вакви поводи се гледаме.
Почна денот полека но сигурно да надвладува, раздени сиво и студено јануарско утро.
Дојдоа и внуците и внуките на бартучедите и бартучетките……………
Уууу, бог те мазо, си викам сам во себе гледајќи ги колкави пораснале. Некои ги немам видено од бебуши а некои пак воопшто и несум ги видел, ги гледам во живо за првпат. Да не беше тоа Фејсбукот немаше да знам ни како изгледаат, немаше да ги познаам. Можеби суратите ќе ми наговестеа дека ми се рода, ама кој се и чиви се…………….., не, сигурно не. А пораснале машала……….., цели момци и девојки, некои и по глава повисоки од мене.

Во мислите ми дојде баба Флорика.
Како дете не сакав да одам по гости кај роднини, сиротата секогаш ме караше заради тоа. Велеше оди да се запознаеш со роднините, живеете во големи градови, случајно ќе се сретнете некаде нема да знаете дека во вас тече иста крв.
Бев детиште и не и клавав многу дикат на старицата, ниту на нејзините зборови, но сега седејќи и гледајќи ги овие деца, сфатив колку Флорика била во право.
На погребот дојдоа преку 150 луѓе, чиниш свадба.
Чудна некоја атмосфера, сите тажни заради Марк но истовремено и радосни, радосни заради тоа што после толку време повторно се гледаат.
Го носам венецот во поворката накај гробишта, кога ете ја тетка ми Дара, недодржа, дојде до мене и ме изгушува, низ солзи ми вели: „па где си сунце теткино, откад те тека ни је видела“ и ме бакнува по образите и по очите. Грлото ми се стега едвај проговорувам – „ево ме тетка, како си ти?“
Го закопаа Марк…………
После погербот татко ми само ме тегне навака – натака и ме запознава со некои луѓе.
На некои од нив се сеќавам како во сон, а некои по првпат ги гледам иако таткоми ми тврди дека ми се рода и ми објаснува колку блиска рода сме иако годиништа не сме се виделе.
И повторно истата реченица: „ Се отуѓивме Слободане, не не познава синти, а и ние него немаше да го познаеме, машала пораснал голем, цел маж.“
Заврши и ручекот, се разотидоа луѓето, останавме само најблиските.
Се прибравме дома и почнаа муабети.
Навираат сеќавања, анегдоти, се смееме, отпрвин срамежливо но како минува времето и се редат муабетите и навираат сеќавањата, се поопуштено и послободно.

Отпрвин ми е некако чудно, се прашувам, пристојно ли е ова?
Мртвите за мртвите, живите за живите. Во право била баба ми Флорика.
Дојде време да заминуваме. Се качивме во автобус и назад за Скопје.
Цел пат ме гони една мисла, не ме остава да заспијам иако сум уморен и ненаспан како пес.
Во што се претвори овој наш живот, во што се претворивме ние.
Како роботи, без чувства, само трчаме низ животот, без да застанеме за момент и да го живееме.
Како да трошиме нечие туѓо време на оваа дуњаа,  време на некој газда а не наше сопствено од бога дадено, па не тера со камшик газдата да не застанеме, да не здивнеме, како не би му потрошиле некој секунд од времето, онака, во ветер.
Си мислам, ова ли е таа западна цивилизација кон која од петни жили се стремиме да се приклучиме.
Ова ли се тие придобивки на новото време.
Да ти се мочам на времето и на придобивките.
Виртуелен свет, виртуелни пријатели, виртуелни роднини, виртуелен живот.
Ништо опипливо, ништо од крв и месо, само единици и нули (1010100100100100111), код а не живот.

Е, да!
А што ми беше муабетот!?
СЕ ОТУЃИВМЕ!

No comments:

Post a Comment